Раиола ги објави имињата на клубовите за кои размислува Ерлинг Халанд

Менаџерот Мино Раиола ги објави имињата на четири клуба од кои прекрасниот норвешки напаѓач Ерлинг Халанд ќе ја избере својата нова дестинација.
Раиола во интервју за германските медиуми изјави дека Халанд е подготвен за следниот чекор во кариерата и ги откри имињата на четири клуба кои имаат шанса да го доведат.
„Тој ќе го направи следниот чекор во кариерата“, изјави Раиола за германски Sport1 и продолжи:
„Баерн, Реал, Барселона и Манчестер Сити се меѓу клубовите каде тој може да оди. Сити освои повеќе титули од Манчестер Јунајтед во последните години“, рече Раиола, алудирајќи дека Јунајтед не е во игра за потписот на Халанд.
„Трансферот ќе дојде, ова или следното лето, постои голема можност да биде ова лето, ќе видиме. Борусија ќе заработеше многу повеќе ако го продадеше минатото лето, но јас ја почитувам нивната одлука да го задржат и да ги израдуваат навивачите“, изјави Раиола.
Халанд ќе го чини купувачот 75 милиони евра, но трансферот ќе чини вкупно околу 300 милиони кога ќе се вклучат сите плати на фудбалерот и менаџерските провизии.
Ерлинг Халанд пристигна во Борусија зимата 2020 година од Салцбург, а на 72 настапи за тимот од Дортмунд постигна 74 гола.



