Рангник не ни дебитираше, а англиските медиуми веќе го објавија името на неговиот наследник

Манчестер Јунајтед во понеделникот потврди дека германскиот стручњак Ралф Рангник е нов тренер на овој клуб.
„Црвените ѓаволи“ го отпуштија Норвежанецот Оле Гунар Солскјер по лошата серија резултати која кулминираше со дебаклот кај Ватфорд (4:1), а за привремен тренер беше избран Мајкл Керик.
Тој го предводеше тимот против Виљареал, каде забележа триумф од 2-0 и во дерби колото во Премиер лигата против Челзи (1-1).
Утре Јунајтед игра ново дерби против Арсенал, но Рангник нема да го води тимот бидејќи се уште нема добиено виза, па Керик ќе биде со тимот уште еден натпревар.
И иако Германецот не ни дебитирал на клупата на англискиот великан, островските медиуми веќе го знаат името на потенцијалниот наследник.
Тоа е италијанскиот селектор Роберто Манчини, а „Телеграф“ тврди дека поранешниот менаџер на Манчестер Сити ќе ги преземе „црвените ѓаволи“ доколку со Италија не се пласира на Светското првенство во Катар.



