Салах донираше пари за реконструкција на црквата каде избувна голем пожар

Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, донираше 156.634 долари за да помогне во обновата на црквата во Гиза, Египет, каде во пожарот загинаа 41 лице, а 14 беа повредени, според извори од Министерството за здравство во неделата.
Според египетското Министерство за внатрешни работи, пожарот избувнал околу 9 часот по локално време поради електричен дефект во единицата за климатизација на вториот кат од црквата. Малата црква се наоѓа во густо населената област Имбаба.
Повеќето од смртните случаи и повредите биле предизвикани од чад во училниците во црквата откако снемало струја, соопшти Министерството во објава на Фејсбук.
„Ние сме во постојан контакт со локалните власти и Министерството за здравство“, рече поглаварот на Коптската црква, папата Тавадрос Втори.
Донацијата на Салах ја потврди познатиот египетски спортски новинар Ибрахим Абдел Гавад, кој им се придружи на многумина во благодарноста на Салах преку објава на Фејсбук.
Ова не е првпат поранешниот напаѓач на Челзи и Фиорентина да покаже колку големо срце има.
Британскиот весник „Сандеј тајмс“ го наведе како осма најдобротворна личност во Британија.
Во 2019 година, Салах донираше дури три милиони долари на египетскиот национален институт за рак, откако во терористички напад загинаа 20, а беа повредени десетици луѓе.
Најдобриот фудбалер на Египет на секој начин им помага на сиромашните во таа земја и на секој начин покажува дека освен што е еден од најдобрите играчи во светот, има големо срце и затоа е сакан во целиот свет.
Салах ја отвори новата сезона во Премиер лигата со гол во ремито против Фулам, но не успеа да се запише во листата на стрелците во второто коло, кога неговиот тим повторно мина без победа, ремизирајќи само 1:1 со Кристал Палас на „Енфилд“.



