Connect with us

Фудбал

Се надеваа дека Куман ќе си замине, а сега тие треба да ги спакуват куферите

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта потврди дека Роналд Куман ќе продолжи да биде тренер на Барселона и следната сезона.

Каталонскиот клуб не се истакна во минатата сезона и успеа да го освои само Копа дел Реј, а по лошото издание во Ла Лига каде Барселона повторно остана без титулата во Шпанија, се очекуваше Куман да добие отказ

Холанѓанецот пристигна во Барселона пред една година, но во првата сезона не ги воодушеви премногу навивачите на каталонскиот клуб.

По завршувањето на сезоната, многумина очекуваа дека Куман ќе добие отказ, а Жоан Лапорта ќе ангажира друг тренер, но тоа нема да се случи.

Имено, Лапорта вчера потврди дека Куман ќе остане тренер на Барселона и следната сезона и ја доби целосната поддршка од управата на клубот. Холанѓанецот вети дека ќе ја врати формацијата 4-3-3 и дека Барселона ќе негува напаѓачка филозофија на фудбалот.

Куман многу експериментираше со формацијата минатата сезона и најмногу играше во формација 3-5-2 што не им се допадна на навивачите.

Тој исто така имаше 13-14 играчи кои ги играше во текот на целата сезона што остави многумина лишени од минутажа. Меѓу нив е и Миралем Пјаниќ, кој скоро сигурно ќе ја напушти Барселона по само една година, а се најавуваше како големо засилување.

Пјаниќ имаше за цел да остане во клубот доколку Куман замине, но откако стана јасно дека тоа нема да се случи, единственото решение за играчот е тој да го смени клубот.

Сепак, „Мундо Депортиво“ утрово пишува дека Пјаниќ нема да биде единствениот фудбалер кој ќе го напушти каталонскиот клуб.

Имено, списокот на играчи кои Куман ги отпиша е навистина долг. Сите чекаа да видат дали клубот ќе добие нов тренер и се надеваа на некаков пресврт, но вчера тие доживеаја ладен туш по пораката на Лапорта дека Куман останува тренер.

Мундо Депортиво го објави списокот на играчи кои сигурно ќе го напуштат клубот ова лето, а покрај Пјаниќ, тука се и Самуел Умтити, Рики Пуиг, Јуниор Фирпо, Матеус, Сержи Роберто, Франциско Тринкао, Мартин Брајтвајт и Филипе Кутињо.

Барселона веќе ги донесе Серхио Агуеро, Ерик Гарсија и Емерсон, а пристигнувањата на Мемфис Депај и Вијналдум се очекува да бидат официјализирани следната недела.

 

Реклама

Facebook