Швајнштајгер веќе има понуда за работа

Легендарниот германски фудбалер Бастијан Швајнштајгер објави дека наскоро ќе замине во пензија.

После 20 години професионален фудбал, некогашниот одличен играч од средниот ред донесе одлука да направи пауза по актуелната сезона во МЛС, а тоа го сподели и со фановите на социјалните мрежи.

Иако Швајнштајгер изјави дека сака да се посвети единствено на своето семејство со поранешната тенисерка Ана Ивановиќ откако ќе ја заврши кариерата, медиумите во Германија веќе го гледаат во тренерските води.

Пронаоѓањето ангажман за германски фудбалер воопшто нема да биде тешко.

„Ние секогаш ќе имаме место за Бастијан“, рече тренерот Јоаким Лов, кој додаде:

„Не знам какви се неговите планови, но секој поранешен играч кој сака да стане тренер, да придонесува или да води помлад тим е добредојден“, рече тој.

Во текот на својата богата кариера, Швајнштајгер има освоено разни трофеи, најмногу со Баерн, а со германската репрезентација го има освоено и Светскиот куп во 2014 година.