Тоти: Рома беше и останува сѐ за мене, го одбив Реал Мадрид

Франческо Тоти останува нераскинливо поврзан со Рома. Во интервју за „Саша Спорт“, поранешниот легендарен капитен зборуваше за односот со клубот, заминувањето од фудбалот и амбициите на сегашниот тим.
Како ја доживувате Рома?
За мене, овој град е сѐ, особено Рома како клуб. Ме има дарувано извонредно многу и јас сум дал сѐ од себе за него. Затоа секогаш велам дека некои работи се прават од двете страни, не само од една.
Што значи за вас „Тригорија“?
Беше мојот дом. Таму поминав повеќе време отколку дома. Таму пораснав и останав повеќе од 35 години. Стигнав кога ми беа 12 години. Никогаш не би помислил дека еден ден ќе дојде моментот на заминување.
Какви се вашите спомени од последниот натпревар Рома-Џенова?
Тоа беше историски и посебен ден, прекрасен, но исто така и болен, бидејќи означуваше крај на кариерата и на еден сон. Кога шетав околу стадионот и ги гледав луѓето, од најмалите до најстарите, сите плачеа.
Зошто го одбивте Реал Мадрид?
Имав момент на двоумење, но љубовта кон Рома, градот и клубот што го носам во срцето ме поттикнаа да останам. Почувствував дека тоа е вистинскиот избор.
Каква улога имаше Карло Мацоне во вашиот живот?
Верувам дека тој беше човекот што ми помогна најмногу да созреам. Ми помогна многу околу фудбалот и, пред сѐ, знаеше како да ме води кога сè уште бев мошне млад.
Може ли сегашнава Рома да се бори за титула?
Има потенцијал за нешто значајно. Можеби потребни се едно или две засилувања за да се направи тимот уште посилен и да се претвори во вистински кандидат за титулата. Клубот работи многу добро, тренерот е одличен и тимот е силен.
Што е поинакво во Лигата на шампионите?
Треба да си подобро подготвен, во подобра физичка форма и со покомплетен тим. Треба да си спремен, бидејќи се соочуваш со противници кои често се посилни и имаат искуство и натпреварувачка природа на европско ниво.



