Тухел: Златната топка? Никој не може да победи сам

Менаџерот на Челзи, Томас Тухел е свесен дека до крајот на годината следува период на предизвици, но истакнува дека е подготвен да го пречека.
„Ќе биде предизвик, но така беше и претходно. Ние не ја менуваме нашата рутина. Имаме добра комуникација со лекарскиот тим и се обидовме да го предвидиме обемот на работа на играчите и да видиме што ни треба во следните натпревари. Одиме чекор по чекор, ако погледнете предалеку, ќе видите дека доаѓаат тешки недели. Затоа се фокусираме на деталите, на следниот натпревар, можеби на следните два натпревари. На играчите им останува да бидат силни, но и многу сериозно да го сфатат опоравувањето. Не се плашиме од ротација“ , изјави Тухел.
Во среда Челзи ќе игра против тимот на Вотфорд, предводен од Клаудио Раниери.
„Тие сега играат со поголема самодоверба и се обидуваат да спроведат висок притисок. Имаа одличен резултат против Манчестер Јунајтед. Клаудио Раниери, тоа име зборува само за себе. Имаше толку многу клубови, тој е исклучително искусен тренер. Ќе биде првпат да играм против него и ќе ми биде задоволство“.
Во понеделникот, Челзи беше прогласен за клуб на годината благодарение на постигнувањата и на машкиот и на женскиот тим.
„Тоа е убава награда. Тоа е резултат на тимска работа. Сите играчи заслужија да се најдат на тој список. Ако поединците блескаат, тоа е поради тимската работа. Имаме силна академија, силен женски тим. Затоа, секоја чест за сопственикот и сите одговорни“.
Кога станува збор за Златната топка, германскиот стручњак не сакаше да открие кој според него го заслужил ласкавото признание. Но, тој откри каков бил неговиот однос кон таа награда.
„Лично не верувам во важноста на индивидуалните награди во овој спорт. Тимската работа е важна, ниту еден играч не може сам да победи на фудбалски натпревар. Не е можно”.



