SportM
Фудбал

„Видовитиот“ Макрон предвидува триумф на Франција!

Д М7 дек 2022
„Видовитиот“ Макрон предвидува триумф на Франција!

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој неодамна прогнозираше дека Франција ќе ја победи Полска со 3:1 во осминафиналето, овој пат изјави дека Франција дефинитивно ќе ја победи Англија во сабота во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, но не прецизираше резултат.

Макрон изјави дека не се сомнева во триумфот на француската фудбалска репрезентација, но дека подоцна ќе даде изјава за можниот резултат.

„Нема многу сомнеж за тоа дека победуваме. Сè уште нема да го кажам резултатот“, рече Макрон, кој му честиташе на тимот за победата над Полска.

Макрон, голем фудбалски навивач, вети дека ќе го објави резултатот „ден-два претходно“ кога ќе види кои француски фудбалери ќе се најдат во ростерот за натпреварот.

Претседателот на Франција пред натпреварот против Полска го предвиде резултатот и кој ќе ги даде головите.

„Мислам дека ќе победиме со 3:1. Левандовски ќе постигне еден гол, како и Мбапе или можеби Жиру, кој сака да испише историја“, рече тогаш Макрон.

Макрон потврди и дека ќе оди во Катар доколку Франција се пласира во полуфиналето на Светското првенство.

„Ако победиме, ќе одам во полуфиналето и финалето, како што ветив. Бев во Русија во 2018 година за да го гледам полуфиналето против Белгија (1:0), потоа финалето против Хрватска (4:2 )“, рече Макрон.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.