Зидан објасни што за Реал значи денешното дерби против Атлетико

Дербито во Ла Лига денес го играат Атлетико и Реал Мадрид на „Ванда Метрополитано“.
Дуелот на мадридските ривали започнува во 16:15 часот и од него се очекуваат многу, со оглед на тоа што се работи за многу важен натпревар што може да го одреди текот на шампионатот.
Атлетико дербито го чека од врвот со 58 поени, Барселона има 56, а Реал Мадрид 53 поени. Сепак, Реал има натпревар помалку од Барселона, но и натпревар повеќе од денешниот ривал. Но, факт е дека со евентуална победа, Кралевите би биле во ситуација да размислат за титулата.
“Вистина е дека овој натпревар за нас е како финале, но како и да заврши, ќе имаме шанса за титулата. Овој натпревар, како и сите други, носи три бода. Најважно за нас е да играме добро. Нема фаворити на вакви дерби средби, иако домашниот терен му дава предност на Атлетико. Играчите на ваквите натпревари се особено мотивирани. Ние мора да играме како што знаеме, а останатото само ќе дојде “, рече Зидан.
Најголемата дилема на Зидан е дали Карим Бензема ќе биде во почетниот тим или не. Францускиот голгетер се опоравува од повредата и е во конкуренција за почеток на натпреварот.
“Бензема е многу важен играч за нас. Пред натпреварот, ќе проценам дали може да игра или не. Сигурно сите играчи сакаат да го видат во составот. Тој играч е од големо значење за нас”, рече Французинот.



