Берат Садик стави крај на кариерата на 39 години

Напаѓачот на Тиквеш, Берат Садик, официјално стави крај на својата фудбалска кариера на 39-годишна возраст. Искусниот голгетер денеска го одигра својот последен натпревар во дресот на кавадаречкиот клуб, настапувајќи во дуелот против Работнички, во кој влезе во игра во второто полувреме.
Садик е роден во Скопје, но во текот на кариерата настапуваше за репрезентацијата на Финска, чии бои ги бранеше на меѓународната сцена.
Во својата богата кариера настапуваше за повеќе клубови, меѓу кои Купс, Лахти, Арминија Билефелд, Зулте Варегем, Хелсинки, Тун, Крилја Советов, Докса, Химнастик, Анортозис, Енозис и повторно Докса, пред да пристигне во Тиквеш.
Од кавадаречкиот клуб со емотивна порака се простија од искусниот напаѓач.
„Му благодариме за посветеноста, професионалноста и сè што даде за клубот. Чест ни беше што беше дел од нашето семејство. Еднаш наш – засекогаш наш!“, објавија од Тиквеш на социјалните мрежи.



