Фудбал
Чеферин до Италијанците: Стадионите ви се срамни!

Првиот човек на европската куќа на фудбалот им кажа во лице на Италијанците дека имаат срамна фудбалска инфраструктура. Чеферин беше во Милано, даде интервју за Спорт Медиасет, а едно од прашањата беше поврзано со фактот дека „Сан Сиро“ не доби можност да биде домаќин на финалето од Лигата на шампионите.
-Мислам дека фудбалската инфраструктура во Италија е срамна“, порача Чеферин. И продолжи на ист начин: -Вие сте една од најголемите фудбалски земји, освоивте неколку Светски првенства, Европски првенства, Лигата на шампионите, а во исто време, меѓу сите тие големи земји, сте убедливо најлоши во однос на инфраструктурата, изјави првиот чоек на УЕФА, кој не застана тука:
-Малку сум уморен од сите овие муабети за инфраструктурата во Италија, да бидам искрен, бидејќи единственото нешто што некогаш сме го слушнале е празен муабет. Се надевам дека Италија ќе направи нешто. Клубовите имаат потреба од помош од државата, од локалните власти, дури и од приватни инвеститори. Време е да се премине на акција, бидејќи ситуацијата е многу лоша, вели тој.
Европското првенство во 2032 година треба заеднички да го организираат Италија и Турција. Но, Чеферин вели дека засега не е загрижен и се надева дека до тој Мундијал Италијанците ќе сторат нешто.