Фудбал
Голманот на Валенсија го прозва Винисиус: Дај ми ги моите 50 евра!

По големата победа против Реал Мадрид, грузискиот голман Џорџи Мамардашвили откри дека Винисус Јуниор му должи 50 евра и со тоа ги изненади присутните новинари во микс зоната.
Играчот на натпреварот откри дека разговарал со Бразилецот непосредно пред да го изведе пеналот на Реал Мадрид на средината на првото полувреме и дека се обложил со него од 50 евра.
„Зборував со Винисиус и тој ми должи 50 евра“, низ смеа објасни грузискиот голман, на што новинарите во микс зоната го прашаа „Како, зошто“.
Следуваше одговорот на Мамардашвили.
“Го прашав да се обложи 50 евра дека ќе му одбранам пенал. Тој се согласи, јас одбранив и победив. Мораше да ми плати по натпреварот, но се уште не ми даде ништо”, додаде голманот на Валенсија.
Грузиецот од почетокот на следната сезона ќе биде нов голман на Ливерпул, со кого потпиша договор минатото лето, но оваа сезона остана на позајмица во Валенсија. Да додадеме како Валенсија го победи Реал Мадрид со резултат 2:1 и со тоа го прослави првиот триумф на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ по цели 17 години.