Connect with us

Фудбал

Хорор во Јужна Америка: Полициски транспортер прегазил момче и девојка пред натпреварот, навивачите предизвикаа прекин (ВИДЕО)

Вистински хорор се случи синоќа на натпреварот помеѓу чилеански Коло Коло и бразилска Форталеза, клубови кои се сретнаа во второто коло од јужноамериканскиот Копа Либертадорес.

Натпреварот беше прекинат во вториот дел поради трагедија во која загинаа двајца млади навивачи, а беа повредени уште десетина други. Натпреварот беше прекинат во 72. минута при резултат 0:0, кога започнаа нереди и навивачка инвазија на теренот на стадионот Монументал Дејвид Арелано.

Знаци на неред беа забележани и пред самиот натпревар, кога пред стадионот изби стампедо бидејќи многу навивачи сакаа да влезат на стадионот без билет, а среде сиот хаос двајца навивачи загинаа откако врз нив падна метална ограда.

Станува збор за 13-годишно момче и 18-годишно девојче. Наводно, трагедијата се случила кога полициско возило употребило воден топ за да растера толпа навивачи, при што на жртвите им се срушила ограда. Како што јавуваат медиумите од Јужна Америка, момчето и девојчето биле прегазени на земја од полициски транспортер, чиј возач не ги забележал. Токму ова беше причината навивачите на Коло Коло да упаднат на теренот во 72. минута кога ја дознаа веста, а пред нив панично трчаа фудбалерите на Форталеза кон тунелот кој води кон соблекувалните. Легендарниот Артуро Видал кој моментално настапува за Коло Коло ги молеше навивачите да се смират и да се вратат на трибините, но безуспешно.