Connect with us

Други спортови

МОК подготвен за успешна организација на ЕМОФ 2025

Во Скопје и Куманово од 20 до 26 јули ќе се одржи Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ). Се очекува во земјава да пристигнат околу 4.000  млади спортисти и тренери од Европа, кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови.

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски очекува успешна организација на масовниот спортски настан во нашата земја.

– Ќе организираме исклучително голем спортски настан. Привилегија е Скопје да се најде помеѓу домаќините на големи светски натпревари, на велесили кои се организатори на големи ивенти. ЕМОФ е добра можност да ја лансираме новата генерација македонски спортски надежи кои подоцна треба да созреат во носители на македонскиот спорт.
Сите спортски борилишта каде ќе се одвиваат натпреварите ќе бидат реновирани и освежени. Куманово ќе добие мини спортско олимписко село.
Финансиски бенефит ќе има и градот Скопје од околу 10 илјади гости во период во кој нашата метропола е релативно празна.
Со поддршката која ја добиваме од Градот, Владата и сите други државни институции очекувам да се покажеме како достојни домаќини за ваков голем настан. Верувам дека игрите ќе минат извонредно, рече Димевски на денешната прес-конференција.

На ЕМОФ 2025 во организацијата ќе бидат вклучени и околу 900 волонтери, 700 од Македонија и 200 од странство.

Атлетика, пливање, џудо, велосипедизам, гимнастика, кошарка, одбојка, ракомет, баскет 3×3, бадминтон, кајак слалом, стрелаштво, теквондо и пинг-понг се спортовите во кои ќе се натпреваруваат младите олимписки надежи покажувајќи ги своите вештини.

Поради немање соодветна сала за гимнастика, натпреварите во овој спорт ќе се одржуваат во Осиек, Хрватска.

Македонски натпреварувачи ќе има во сите спортови, како индивидуални, така и екипни.