Прво интервју на Столе Димитриевски по новиот договор: Знам што претставува Валенсија, ова е голем клуб (ВИДЕО)

Столе Димитриевски го продолжи договорот со Валенсија до 2028-ма, а веднаш потоа за официјалниот медиум на тимот даде интервју во кое ги сподели импресиите и причините за продолжување на соработката:
-Многу сум среќен и задоволен што можам да го објавам ова двегодишно продолжување на договорот со Валенсија. Немав никакви сомнежи околу ова продолжување. Отсекогаш го посакував и бев целосно фокусиран на тоа, бидејќи сум многу среќен тука и со сè што претставува клубот“, изјави Столе Димитриевски, притоа додавајќи:
„Секогаш се трудам да го покажам и да го дадам најдоброто од себе. Знам што претставува Валенсија и колку е голем клуб, какви се нејзините луѓе и сè што доаѓа со тоа. Отсекогаш велев дека сакам да играм за голем клуб кога дојдов во Шпанија, а Валенсија е еден од најголемите. Многу сум среќен и задоволен што продолжувам тука. Уживам секој ден да тренирам, да играм и да го бранам овој грб“, изјави Столе Димитриевски за Валенсија CF.



