Connect with us

Фудбал

Сити го пронајде „новиот Салах“, подготви понуда од 60 милиони евра за да го доведе

Тековната сезона покажа дека тимот на Манчестер Сити е повеќе од зрел за реконструкција, а ова е процес кој дефинитивно ќе започне наскоро на „Етихад“.

Пеп Гвардиола и клупските челници веќе бараат нови засилувања, а медиумите од Островот пренесуваат дека Граѓаните пронашле „нов Салах“ во Германија. Станува збор за Египќанецот Омар Мармуш, кој оваа сезона настапува за Ајнтрахт од Франкфурт и воодушевува со своите настапи.

Мармуш на 15 натпревари во Бундеслигата постигна 13 гола и запиша 8 асистенции, а Сити во наредните денови ќе се обиде да го договори неговиот трансфер во своите редови. Како што пишува Телеграф, Сити подготвил понуда од 60 милиони евра кои ќе ја испратат во Франкфурт, а токму таква е пазарната вредност по која Мармуш е оценет на сајтот на Трансфермаркт. Мармуш има 25 години и игра како напаѓач, но се истакнува и на крилните позиции. Кариерата ја започна во Вади Дегла, Египет, а во Волфсбург пристигна како 18-годишник. Потоа играше за Ст. Пол и Штутгарт, пред да пристигне во Франкфурт како слободен агент. Сега Франкфурт би можел да заработи 60 милиони евра од неговиот трансфер, доколку се согласи да го продаде на Сити.