Светското првенство почнува за неколку дена, репрезентацијата на Иран се уште без американски визи!

Иранските фудбалски репрезентативци, кои сè уште чекаат американски визи за Светското првенство, ги предадоа своите пасоши во Амбасадата на САД во Турција, објави денеска челникот на Иранската фудбалска федерација.
Претстојното Светско првенство ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, но САД, каде што Иран треба да игра три натпревари од групната фаза, сè уште не издале визи.
„Разговарав со ФИФА во четвртокот во врска со американските визи. Беше побарано да ги предадеме сите пасоши во Амбасадата на САД во Анкара, каде што во моментов се наоѓа иранскиот тим“, рече претседателот на Фудбалската федерација на Иран, Мехди Таџ.
„Сите пасоши се предадени“, додаде тој, посочувајќи оти чека „да види што ќе се случи во петок или најдоцна в сабота“.
Иранскиот тим во текот на утрешниот ден со чартер лет треба да замине од Турција за Шпанија пред да се упати кон својот тренинг камп во Мексико.
„Мислам дека сите американски визи ќе бидат издадени и нема да има понатамошни проблеми“, рече Таџ.
Мексико им издаде визи на иранските репрезентативци претходно оваа недела.



