Connect with us

Фудбал

Вардар го доби најтешкиот пораз – прими шест голови од Сосиедад

Трет висок пораз во третиот меч за Вардар во првата сезона во Лига Европа откако Реал Сосиедад дојде во Скопје да се надигрува и на крајот си замина со 0:6 победа и три поени.

Ѕвезда на мечот несомнено беше Вилијан Жозе, 25-годишниот бразилски напаѓач, за кого немаше место во тимот на Реал Мадрид, но своето место си го најде во Сосиедад, и со четири одлични гола покажа дека е одличен голгетер.

Микел Ојарзабал уште во 12. минута го постигна првиот гол за баскискиот тим, по што почна опсадата пред голот на Гачевски, со шанси за Серхио Каналес и Вилијан Жозе. Вардар се охрабри по 20-ина минути игра кога во шанса беа Барсегјан и Бобан Николов, но потоа во 34. минута Вилијан Жозе за 11 минути постигна уште два гола за убедливи 0:3.

Вилијан Жозе го започна одлично и второто полувреме кога за четири минути додаде два гола, првиот со глава во 55. минута, а вториот во 59. минута по грешката на одбраната на Вардар. Тренерот Еузебио Сакристан реши дека Бразилецот направи доволно и со сигурен резултат го повлече од игра во 60. минута. Алберто дела Беља во 90. минута го постави конечниот резултат.

За „црвено-црните“ ова е уште еден удар во евронатпреварувањата, а лошата вест е што следниот меч го игра против истиот противник на 2 ноември во Сан Себастијан.