Фудбал
Ангеловски и Пандев: Дуелот со Ерменија е најзначајниот меч во нашата група
После триумфот над Гибралтар на гостински терен и првите три бода во групата во Лигата на Нации, Македонија утре ја пречекува селекцијата на Ерменија. Натпреварот се игра во Скопје во 18 часот, а денеска на прес-конференција селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев се согласија дека ова е клучниот меч во групата.
„Победникот од овие две репрезентации веројатно ќе биде на првото место во групата, затоа овој натпревар е многу значаен. Очекувам да забележиме добар резултат кој ќе ни даде некаква предност пред реваншот во Ереван. Што се однесува до противникот, знаеме дека имаат добри поединци, но јас никогаш ниту мојата ниту противничката екипа не ја гледам по поединци, туку како тим. Барсегјан и Хамбарџумјан добро ги познавам од нашето првенство, меѓутоа утре секој ќе игра за својата земја, мене ми е важно мојата репрезентација да победи“, истакна селекторот Игор Ангеловски.
Горан Пандев рече дека тој и неговите соиграчи ќе дадат максимум за триумф кој ќе биде значаен во битката за првото место во групата во Лигата на Нации.
„Овој натпревар е најзначен во нашата група бидејќи знаеме дека нашата селекција и репрезентацијата на Ерменија се најквалитетни во оваа група и ќе се борат за првото место. Треба да излеземе и да дадеме максимум и мислам дека ако одиграме како што знаеме, тогаш ќе дојдеме до добар резултат“, рече капитенот на Македонија, Горан Пандев.
Извор: ТВ21