Интервју
Македонец на „печалба“ во Русија: Како да се подготват фудбалерите на минусни температури и патувања кои траат предолго?
ЛИЧНА КАРТА: ИВАН ЈОВАНОВСКИ-КОНДИЦИСКИ ТРЕНЕР
-ФК МАКЕДОНИЈА ЃП (ТРЕНЕР ПЕРИЦА ГРУЕВСКИ)
-ФК ЦЕМЕНТАРНИЦА 55 (ТРЕНЕР ПЕРИЦА ГРУЕВСКИ)
-ФК РАБОТНИЧКИ (КОМПЈУТЕРСКА АНАЛИЗА НА НАТПРЕВАРИ/ТРЕНЕР ЃОРЕ ЈОВАНОВСКИ)
-ФК МЕТАЛУРГ СКОПЈЕ (ТРЕНЕР ЃОРЕ ЈОВАНОВСКИ/НИКОЛА ИЛИЕВСКИ/ЖИКИЦА ТАСЕВСКИ)
-ФК ЦСКА СОФИЈА (БУГАРИЈА-ТРЕНЕР ЃОРЕ ЈОВАНОВСКИ/МИЛЕН РАДУКАНОВ/ДИМИТАР ПЕНЕВ)
-ФК ЛУДОГОРЕЦ (БУГАРИЈА/ТРЕНЕР ИВАИЛО ПЕТЕВ)
-ФК ИНТЕР БАКУ (АЗЕРБЕЈЏАН/КАХАБЕР ЦХАДАДЗЕ/ЗАУР СВАНАДЗЕ)
-ФК ГЕНЧЕРБИРЛИГИ (ТУРЦИЈА/ИБРАХИМ УЗУЛМЕС)
-ФК АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ (ТРЕНЕР ЈУГОСЛАВ ТРЕНЧОВСКИ)
-ФК РИЗЕСПОР (ТУРЦИЈА/ИБРАХИМ УЗУЛМЕС)
-ФК АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ (ТРЕНЕР ЈУГОСЛАВ ТРЕНЧОВСКИ)
-ФК УРАЛ (РУСИЈА/ДИМИТРИ ПАРФЕНОВ)
-МАКЕДОНСКА ФУДБАЛСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (4 ГОДИНИ/СЕЛЕКТОР ИГОР АНГЕЛОВСКИ)
- Зошто кондициски тренер? Како што знаеме пред многу години тренираше и играше фудбал. Зошто не продолжи со фудбалска кариера?
-Не би можел конкретно да одговорам, зошто. Животниот тек така наложи. Имав голем интерес кон спортот. Се запишав на факултетот за физичка култура и логично беше дека на некаков начин ќе биде тоа професија поврзана со спорт и физичка активност. Претходно интензивно тренирав, играв во неколку младински школи во неколку наши клубови. Немав, некој пособен талент, но имав голема желба. Сфатив дека подобро е да го барам патот во професии врзани со фудбалот или општо со спортот и мислам дека не погрешив во изборот. Сепак, факултетот најмногу ме насочи во таа професионална надоградба. Задоволен сум од поминатото време на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје, како и од наставата и стекнатите знаења. Тогаш беше прва генерација на факлутет што имаше можност да се насочи по спортови, јас го избрав фудбалот. На катедрата по фудбал, заедно со колегите од насоката помагавме на професорот Марковски, кој во тоа време ги поставуваше и основите на Едикативниот центар при Фудбалската Федерација, кој што на некаков начин даде подлога за обука на идните генерации, тренери на Македонија.
- Каде ја усоврши професијата?
-Моето рано вклучување во фудбалот, во Македонија ЃП имаше клучна улога во стимулација на моите знаења од теоретски кон практични. Тогаш се судрив и со дотогашните постулати во тренажниот процес и имав слобода да вклучам и нови тренажни методи. Тоа е периодот 2005-2006 година. Имав можност да се соочам со првите проблеми во работата и на некој начин да наоѓам нови решенија, кои што можат да ми помогнат во работата. Би рекол посериозните контакти и работни усовршувањата стигнаа кога бев член на ЦСКА Софија. Имав среќа клубот да ми овозможи едукативен престој во Удинезе, што за мене беше големо откровение, да ја видам сета таа организацијата и начинот на работа на еден италијански клуб. Со голема желба ги поминав тие десетина дена рамо до рамо со стручниот штаб на Удинезе. Ми беше дозволено буквално да прашам и да дознаам се што е од мој интерес и да го трансферирам знаењето и методите во ЦСКА Софија. Истото се повтори и во Лудогорец, во една зимска пауза бевме на едукација во два клуба, во Валенсија и Виљареал, иако 80 проценти на времето беше поминато во базата на Валенсија. По истиот терк, отворени врати секаде, буквално со средби на луѓе одговорни од сите нивоа на клубот. Во тоа време тренер беше Емери. Сите тие методи кои ни беше дадено да ги видиме и да ги снимиме, беа од големо значење. Исто така би го издвоил присуството на неколку значајни конференции и семинари кои беа клучни за новите текови во фудбалското кондиционирање. Ми дадоа можност секогаш да бидам во тек со трендовите.
- Дали во Македонија фудбалските клубови од Прва лига доволно посветуваат внимание клубовите да имаат кондициски тренери?
-Би рекол дека многу е тешко во денешниот фудбал да се најдат соодветни луѓе за било што. Не е баш едноставно. Пазарот расте, се отвoраат нови фудбалски хоризонти низ Азија. Има се поголема потреба од тренери, фитнес и кондициски тренери, медицински персонал и луѓе што работат во спортската администрација. Затоа што во фудбалот постои некој ротациски систем, не е лесно да се задржат луѓе. Пазарот е отворен и во соседството и во Европа, Северна Америка не заостанува воопшто, додека Азија со двата „џина“ Индија и Кина сериозно ги развива првенствата, ги зајакнува и структуира клубовите како квалитативно така и квантитативно…Секаде се бараат млади способни луѓе, секаде се бара човек плус, особено во штабовите, особено кога се работи за клуб со амбиција. Сета нова технологија која се воведува во спортот бара и присуство на едуцирани кадри. Не е лесно со мали буџети да се направи штаб кој што би траел. Конкретно, подлогата за да направите успех не е едноставна, тоа е сплет на околности, конзистентност во работата, секогаш позитивна атмосфера и селекција на соодветни фудбалери. Повеќе од важно е стручниот штаб да си верува меѓусебно, со доволно знаење, секогаш отворен разговор околу проблемите и изнаоѓање на соодветни решенија. Кога се работи за македонските клубови, мене најмногу ме засега постојаноста на еден систем, неговата одржливост. Не ги сакам тие потреси на клубовите, особено финансиски. На пример, ќе се направи одреден успех, одлична организациона подлога и по три години таа приказна завршува. Тоа ги одвлекува тренерите, во други професии, бараат други извори на финансирање и професионална изградба. Нестабилноста кај клубовите ако е честа, тоа ги демотивира луѓето да бидат дел од фудбалот.
4 .ЦСКА Софија, Лудогорец, Интер Баку, сега Урал..Но, си работел и со македонските клубови. Каква е разликата во однос на професијата, но и во однос на соработката со фудбалерите за време на тренинзите?
-Во суштина нема разлика, се работи само за поголеми организациони комплекси, каде што има поголем буџет, повеќе луѓе, повеќе технологија во самиот процес, повеќе аналитика. Ако се земе суштински, структурата е иста, само бројот е различен, и приодот се разбира. Тоа е клучниот параметар по кој нашиот фудбал се разликува од странскиот, иако има клубови кои што го достигнаа нивото на западните европски клубови. Не по однос на буџет, но по однос на некаква соодветна организација. Мене лично ме радува, затоа што како луѓе што работиме во фудбалот, живееме во фудбалот, се радуваме на секој стабилен клуб кој што има подолгорочен план, каде што со желба и посветеност се постигнуваат резултати.
- Кондициски тренер си и во македонската репрезентација. Каде е полесно да се работи, со клуб или репрезентација, ако се знае дека во репрезентативние обврски твојата работа многу зависи од твојот колега во одреден клуб како тој ги подготвил играчите?
-Како член на репрезентацијата прв пат се соочив да речам со работа која што е иста, но сепак има специфика во однос на клупската работа. Репрезентацијата се собира неколку пати во годината, има стриктна временска зона во која што како тренер можеш да дејствуваш. Нашиот сручен штаб секогаш соодветно одговара на предизвикот. Пред се ја хомогенизира екипата за да направи тренажен процес кој нема да биде пресилен и несоодветен за нашите фудбалери. Иако доаѓаат од големи екипи, секогаш дозирањето таму е различно за секој клуб, па би рекол доколку немате искуство, може многу лесно да се направи погрешен тренинг или пресилна серија и може многу лесно да се доведе до несоодветно дозирање на фудбалерите, што секогаш резултира со не толку добар перформанс на поле. Секогаш во репрезентацијата тренинзите се за нијанса поинакви, нема многу долги и обемни тренинзи како што може да има во клубовите и акцентот секогаш се става на тактичко-техничката подготовка.
- Кое е најзвучното фудбалско име со кој си работел? Фудбалер и тренер?
-Дефинитивно е Горан Пандев. Воопшто во клупската кариера немам работено со поголемо фудбалско име и позначаен фудбалски карактер од Горан Пандев.
- Сега си во Русија, каде познато е дека е многу студено, но си работел и во потопли краишта? Дали се разликуваат тренинзите и подготовката на фудбалерите во однос на температурите?
-Нормално дека се разликува од другите лиги. Пред се заради патувањето, особено за клуб како што е нашиот од зад уралска Русија. Доста често патуваме, постојано со авион, немаме транспорт со воз или автобус. Сите градови се прилично далеку, летовите се по неколку часа и цело време постои борбата со временски зони. Секогаш настојуваме што побрзо да се вратиме во својата временска зона. Особено во тие зимски и есенски периоди кога е доста студено, атмосферата секогаш ветровита, постојано има ветер особено во Екатерингбург. Секое гостување е голема организацијата, секогаш претставува проблем брзо да се адаптираш во нов град, да извадиш поволен резултат и да се вратиш дома со бод или три. За разлика од помали држави, транспортот е многу посложен во Русија. Еден од предизвиците е токму тоа. Секогаш треба да се адаптираш и тоа влијае многу на перформансот и резултатот.
- Колку е важна исхраната и физичката подготвеност на еден фудбалер?
-Тоа се клучните фактори во подготвеноста на фудбалерите за игра. Би рекол дека не се изоставува нивната техничко-тактичка подготовка, но кога ќе застанете на средина на фудбалско игралиште ќе сфатите дека површината која ја покривате не е воопшто мала и значително ќе ги исцрпи вашите енергетски ресурси веднаш и нема да може било каков техничко-тактички перформанс да можете да го исполните ако немате енергија и физичка кондиција. Во модерниот фудбал клучни фактори се физичката погдотвеност и исхраната.
- Се вели дека силни тренинзи кондициони можат да донесат и повреди на играчи, дали ти се случило такво нешто?
-Тренинзите особено сега, фудбалот ги има добро прецизирано. Технолошки се мониторираат сите перформанси на тренинзите, има доста системи кои што прават мониторинг на движење, на енергетско трошење, брзина на изведување на одредени активности. Денес многу полесно може да се превенираат повреди. Порано без соодветна технологија, повеќе се одеше на некакво искуство на тренерите и итроста на фудбалерите за да се дојде до некаков баланс. Сега е повеќе мониторинг и следење на сите активности. Тоа е клучно. Тренингот не е само физичкиот замор, туку и психолошкиот. Во големите лиги има големи проблеми во однос на психолошките оптоварувања, под притисок цело време, медиуми, управа, фанови. Кога се работи за голема амбиција, натпревар со голем емоционален набој, тоа може да направи проблем. Секако дека во кариерата сум имал непријатни случки, но сетоа тоа со искуството и низ времето се сведувало на минимум.
- Најважниот момент во твојата кариера?
-Најважните моменти допрва ќе следат. Тоа се баражите со Косово и победникот од Белорусија и Грзија. Тие се два меча на кои доколку настапиме соодветно, собереме сили и ги пребродиме сите предизвици мислам дека можеме и дека ни е отворен патот за едно големо натпреварување, како што е Европското. Јас сум сигурен и верувам во нашите фудбалери, нема сомнение дека ќе дадеме се од себе. Од тоа што поминало, мислам дека првиот Куп со ЦСКА Софија ми остана во сеќавање, иако досега имам 7 одликувања шампионски, купови или суперкупови. Последното со Академија Пандев. Се надевам на успешна кариера.
- Дали имаш некоја пропуштена можност по која жалиш, повторно во делот на кариерата?
-Не верувам дека нешто, особено сум пропуштил, односно да имам некаква понуда, а не сум одлучил да ја прифатам.
12.Најинтересен момент, случка, анегдота, со фудбалски клуб, фудбалер или тренер?
-Има многу анегдоти, не би одвоил некоја (се смее). На подготовки, на подготвителна фаза, на натпревари, има многу анегдоти и може книга да се направи за случките во фудбалот. Знаете што, фудбалот не е математика, и не може да предвидите ништо. Дури и да направите се што е во ваша можност не може да предвидите ништо, едноставно не можете. Фудбалот е таква игра, на крајот на краиштата затоа е интересен. Има многу случки, но да оставиме за некое друго интервју кое ќе биде наменето само за тоа (се смее).
13.Ќе се пласираме ли на ЕП 2020?
-Ќе одговорам на следниот начин. Кога ќе се вратиме, да направиме уште едно интервју, и да ме прашате како сме поминале на ЕП и да ви раскажам во детали, тоа го посакувам. Верувам во екипата и верувам во успех, друго не можам да кажам!