Connect with us

Интервју

Од Ергеле и „селска лига“, до Барселона, Баерн, Борусија и Лига на шампиони

МАРЈАН КИРОВСКИ – АСИСТЕНТ-СУДИЈА

27-ГОДИШНА КАРИЕРА

14 ГОДИНИ ИНТЕРНАЦИОНАЛНА КАРИЕРА

1023 МЕЧЕВИ ВКУПНО

813 МЕЧЕВИ ВО ДОМАШНО ПРВЕНСТВО ПРВА, ВТОРА, ТРЕТА ЛИГА И КУП

106 ИНТЕРНАЦИОНАЛНИ НАТПРЕВАРИ

104 ВО МЛАДИНСКИ ЛИГИ

ПРВ МЕЧ1993 ГОДИНА МЛАДОСТ ЕРГЕЛЕ – БУНАРЏИК

ПОСЛЕДЕН МЕЧ 12.12.2019 БАЗЕЛ – ТРАБЗОНСПОР – ЛИГА ЕВРОПА

Почна во далечната 1993 година и тоа како главен судија, на меч од регионалната, или т.н „селска лига“, Младост Ергеле-Бунарџик. Неговиот последен меч беше од Лига Европа помеѓу Базел и Трабзонспор одигран на 12-ти овој месец.

Марјан Кировски е еден од најдобрите фудбалски-судии асистенти кои некогаш Македонија ги имала. Неговата кариера трае цели 27 години, од кои 14 како интернационален судија. Не по негова желба, туку поради правилата, се пензионираше на 45 годишна возраст. Вели сака да остане во фудбалот, ако ништо друго, совето знаење да го пренесе на младите генерации.

Судел на мечеви на Валенсија, Барселона, Борусија, Баерн, но и на репрезентации како што се Германија и Франција.

Во последните неколку години, заедно е често присутен на дерби мечевите од домашната лига.

Ова е доволна причина за интервју со Маријан Кировски.

  1. Дали се сеќавате на првиот натпревар како судија. Кога, која лига беше тоа?

-Прв меч ми е како главен судија во Градската лига-Скопје или по нашки „селска лига“, во 1993 година во Ергеле-скопско, помеѓу Младост Ергеле и Бунарџик.

  1. Кариерата ја почнавте како главен судија, но потоа продолживте како асистент. Зошто?

-Денеска има единствена листа на судии и истите кои се наогаат на таа листа можат да судат и Прва и Втора лига. Порано не беше така. Порано имаше посебна листа за Втора лига, а посебна листа за Прва лига. Имаше натпревар за првите две места по оценување за да се влезе на листа во Прва лига. Мене ми требаа 102 натпревари отсудени во Втора лига за да влезам во Прва. Во „прва“ судев 3 години заедно со Ставрев, Мечкаровски, Спирковски, кои како главни искрено кажувам беа подобри од мене и сите конкурираа за интернационални главни судии. Бидејќи тогаш судевме и како главни и како помошни, како помошник одлично се покажав во многу дерби мечеви со многу ситуации кои ги досудив правилно. Ми беше понудено од судиската организација на ФФМ да бидам помошен интернационален судија во 2006 година. Јас прифатив и од тогаш специјализирав и судам само како асистент-судија. Првите две години судев со Емил Божиновски на меѓународна сцена, потоа ми се обрати Ставрев и ме праша дали сакам да бидам во неговиот судиски тим кој го подготвува и да се обидеме да стигнеме најдалеку. Јас прифатив…и стигнавме до Лигата на Шампионите

3. Дали сте направиле некоја грешка при судење на одреден меч, интернационален или домашен и каква била вашата реакција?

-Да сум направил грешки, но сум имал среќа, на крајот не сум влијаел со мојата грешка на конечниот резултат. Најлошо се чувствував на мечот Австрија – Молдавија. Клучен меч за Австрија да го завери пласманот за пласман на Европско првенство. Им поништив гол во 36 мин поради офсајд. Му поништив гол на Арнаутовиќ. Не бев сигурен, и знаев дека згрешив и знаев каков карактер е играчот и очекував бурна реакција на полувремето. Но, во подтунелскиот простор тој беше смирен и ми рече „Брате зајебо си је”. Јас му реков: Знам. Среќа Алаба даде гол во 78.минута и све беше во ред.

4. Кој е најтешкиот натпревар од домашното првенство на кој сте асистирале при делењето на правдата, а кој на интернационално.

-Сите дерби мечеви помеѓу Вардар – Работнички, Вардар – Слога (Шкупи) Вардар – Шкендија, Победа – Пелистер, се исклучително психолошки тешки за судење. Сепак куп финалињата мислам дека се најтешки. Бидејќи е еден меч борба за излез во Европа, пехар, доделување медалји, тв пренос… Имам 4 финалиња и би ги издвоил нив како најтешки. Башкими – Маџари, Работнички – Металург, Шкендија – Тетекс, Пелистер – Шкендија.

-Меѓународни натпревари би ги издвоил сите во Лигата на Шампионите. Таму покрај обзервер на самиот терен, имаме и видео обзервер кој од дома го гледа мечот во лајв пренос со можност сите спорни ситуации да ги гледа успорено и по неколку пати. Мора да се пофалам дека имавме исклучително добри оцени на сите мечеви. Бевме безгрешни!

5. Што е потешко? Репрезентативни или клупски мечеви?

-Сосема разбитливо е дека репрезентативниот мец има поголема тежина. Поготово ако нешто решава или се играат првите три кола кога уште сите имаат шанса и се игра без калкулации..

 6. Дали е потешко да се справиш со големите ѕвезди или фудбалерите од домашното првенство?

-Само ќе ви кажам еден пример. 2006 година судевме Марсеј – Јанг Бојс. Бев задолжен за Марсеј при поверка на опремата. Во нивната кабина сите беа како војска поредени со копачките во своите раце и сите забелешки ги прифаќаат и ги извршуваат.. Зборувам за играчи како Френк Рибери и Нианг, Самир Насри.. Кај нас кога ќе им се укаже на нешто во врска со опремата, имате ваков одговор: Каде бе сеа да најдам таква боја изолир? Па мора ли иста боја бициклистички. Само вие барате ова другите судии не., итн.

7. Најинтересниот момент (анегдота) од вашата кариера?

-Има, многу интересни моменти…Можеби и роман комедија да се напише. Сепак ова силно оддекна кога се случи. Му поништив гол на сопствениот брат во 90 минута за победа. Играа Работнички – Македонија ЃП (2:2),  тоа беше гол за 3:2. Бев во право, и фала му на Господ за тоа. И покрај тоа што бев во право, брат ми не ми зборуваше цела недела. Потоа седнавме на кафе и ми вика „Добро де офсајд е, ама мозеше да го пуштиш (се смее).

8. Со оглед на тоа дека сте биле дел од натпревари на кој настапувале големи звезди, дали некогаш сте побарале автограм од некој од нив по мечевите?

-Сме суделе на Германија кога станаа светски шампиони и на Франција и тие станаа светски шампиони.. Бевме на голем предизвик бидејќи сакаме сите да се фотографираме со тие ѕвезди..Сепак бевме професионални и поминавме преку тоа.

  1. За кој фудбалски тим во Европа навивате и дали сте добиле можност да ја делите правдата на натпревар кој тој го играл во европските купови?

-Уште како мал најсимпатични екипи ми биле Хајдук и Атлетико Мадрид.. Зборувам од 80-ти години до сега. Среќа не ми се паднале да им судам (се смее).

10. Дали некој од вашето семејство е голем фан на фудбалот и навиваат за некој клуб, а со оглед дека за пораз веднаш се обвинуваат судиите, дали можеби сте имале таква „расправија“ дома по одреден меч?

-Имам професионален фудбалер во моето семејство. Брат ми. Мојот татко е поранешен прволигашки фудбалски судија во Југославија. Јас му правев притисок кога ќе судесе на Хајдук. Се шегувам (се смее). Знаеме дека мора да се носиме професионално во овој спорт. Така сме воспитани, но сепак има шеги и закачки за неки мечеви.

11. Кога би се вратиле назад, дали повторно би избрале да бидете фудбалски судија?

-Апсолутно ДА. Но, мора да потенцирам, сепак треба многу среќа во судењето. Можеби и 50%, како и во секоја работа во животот. Треба да се поклопат многу работи и среќа во клучни ситуации, да си сконцентриран и да бидеш во право.

12. Со оглед на тоа дека речиси секој викенд сте биле делегирани, а по некогаш и во деновите резервирани за меѓународни натпревари, колку имавте поддршка од вашето семејство за оваа професија?

-Неворојатно голема поддршка од сопругата и децата. Секогаш биле тука да помогнат со својот однос кон мене бидејќи покрај судењето, судиите мора да се подготвени физички. Секој втор ден тренинзи… Речиси, секој викенд мечеви…Голема е жртвата и на семејството..

13. Со оглед на тоа дека правилата ви ја „скратија“ кариерата, дали можеби планирате да продолжите да бидете дел од фудбалот, но во можеби нешто поинакво од судија?

-Би сакал да го пренесам сето мое искуство на младите судии и сакам да направам не една туку три судиски екипи во рангот на нашата. Сепак, не зависи тоа од мене. ФФМ ако сака можеме тоа да го реализираме. Мислам дека ВАР технологијата е најбитната во иднината на овој спорт. Ќе мора и кај нас да се имплементира, и на овој план би можел многу да помогнам.