Connect with us

Интервју

„Рај Божји на земјата“ – Македонец фудбалски тренер во најегзотичното место во светот

Марјан Секуловски е тренерско име добро познато во македонската фудбалска јавност. Беше на кормилото на неколку македонски тимови, а најчесто на Пелистер. Своевремено на младинските школи на овој клуб, но потоа и на првиот тим. Но, веќе долги години е надвор од Македонија. Далеку од родната земја, тренерскиот „леб“ го печали, прво во Мјанмар, а сега на најегзотичното место во светот, Малдивите. Голем број луѓе таму патуваат за да го поминат одморот, па се враќаат полни со импресии. Некои само сонуваат да го видат ова место, но на тренерот Марјан Секуловски, Малдивите се негов втор дом. Веќе втора година работи како тренер. Сегашниот негов клуб е Мазија, со кого стана шампион на Малдивите, но и обезбеди пласман во АФЦ Купот, што преставува Лига на Европа на стариот континент. Токму ова се причините поради кои поразговаравме со него за да видиме како е да се работи во Малдивите. Тој вели ова место е „Рај Божји на земјата“.

ЛИЧНА КАРТА:

МАРЈАН СЕКУЛОВСКИ – ФУДБАЛСКИ ТРЕНЕР

  • ПЕЛИСТЕР
  • СИЛЕКС
  • 11 ОКТОМВРИ
  • НОВАЦИ
  • 11 ОКТОМВРИ
  • ПЕЛИСТЕР
  • АЈЕЈАВАДУ ЈУНАЈТЕД (МЈАНМАР)
  • МАКЕДОНИЈА ЃП
  • ПЕЛИСТЕР
  • АЈЕЈАВАДУ ЈУНАЈТЕД (МЈАНМАР)
  • ЈАНГОН ЈУНАЈТЕД (МЈАНМАР)
  • МАЗИЈА S&RC (МАЛДИВИ)
  • ПЕЛИСТЕР
  • ШАН ЈУНАЈТЕД (МЈАНМАР)
  • МАЗИЈА S&RC (МАЛДИВИ)

УСПЕСИ И ОСВОЕНИ ПЕХАРИ

-Куп на Македонија – Пелистер (У-17) 2003/04

-Шампион на Втора лига – Пелистер – 2005/06

– Шампион на Втора лига – Пелистер – 2011/2012

-Куп на Мјанмар – АЈЕЈАВАДУ ЈУНАЈТЕД (МЈАНМАР) – 2015

– Суперкуп на Мјанмар – АЈЕЈАВАДУ ЈУНАЈТЕД (МЈАНМАР) – 2017

-Суперкуп на Малдивите – Мазија S&RC- 2017

-Шампион на Малдивите – Мазија S&RC- 2017

– Шампион на Малдивите – Мазија S&RC- 2019/2020

1.Колку време работиш како тренер надвор од Македонија?

– Тренерската кариера ја започнав во јуни 2001 во Пелистер, со екипата за играчи до 15. До до 1-ви мај 2012 работев во Македонија. Од тогаш сум надвор од Македонија со ангажмани, речиси пет години во Мјанмар и речиси две години на Малдивите.

  1. Како дојде до тоа да станеш тренер во толку далечна земја од родната Македонија, како е да се работи во Малдивите, каков е фудбалот таму, да кажеме во споредба ете со нашата лига?

-Доаѓањето на Малдивите е плод на успесната работа во Азија. Во сезоните 2013, 2015, 2016, 2017, 2020 со моите екипи од Мјанмар и Малдивите сум редовен учесник на АФЦ Куп. Во 2013 година за прв пат со моја екипа од Мјанмар игравме против екипа од Малдивите, а потоа и во 2015 и  во 2016 исто така. Редовно имав успех против екипите од Маливите. 2017 добив понуда од мојот сегашен клуб Мазија S&RC, ја прифатив и дојдов за прв пат да работам како тренер на Maлдивите.

Фудбалот тука е спорт број 1 , напредува секоја година , квалитетот во овој момент е приближно ист со квалитетот на Македонската Прва Лига.

3.Во Македонија, Малдивите ги знаеме како егзотично место, во кое патува повисоката класа на луѓе, таму го поминуваат одморот? Навистина ли е егзотично место и колку тоа може да влијае врз професионалноста на фудбалерите?

-Малдивите се топ туристичка дестинација. Рај Божји на земјата. Тоа што го има на Малдиви, никаде го нема во светот. Но, тоа не влијае на професионализмот на играчите бидејки туристичкиот живот е на ресортите, а фудбалот се игра на локалните острови.

4.Колку знаат таму за земјата од која што доаѓаш и нашиот фудбал воопшто?

-Знаат многу. Се интересираат, пратат, прашуваат. Пред јас да дојдам како тренер во 2017 на Малдиви, во Мазија S&RC со голем успех играа Ристе Наумов и Тони Џангаровски во сезоните 2014, 2015, 2016. Може да се рече дека Мазија S&RC е македонски клуб.

  1. Дали има фудбалски потенцијал во оваа земја, колку се вложува во овој спорт?

-Има голем фудбалски потенцијал, Малдивите се е актуелен шампион на Јужна Азија . Се влозжува многу, во фудбалска инфраструктура и во финансискиот дел од работењето на клубовите.

  1. Обезбедивте пласман со вашиот сегашен тим во AFC Cup, какво е тоа натпреварување и што тоа значи за клубот кој го предводите и земјата од која доаѓа клубот?

-AFC Cup е второ по ранг интернационално натпреваруванје во Азија, пандан на Лига Европа. Прво е АCL (Аsian Champions Ligue). Во Азија рангот на натпреварување зависи од фудбалскиот рејтинг на државата, не од клубот. Јас ја предводев Мазија S&RC во 2017 во AFC Cup, сега после 2 сезони неучество, повторно со мене обезбеди пласман во AFC Cup. Огромен успех, бидејќи низ квалификации ги елиминиравме прво Абахани Џака од Бангладеш кој лани беше интерзонал полуфиналист во AFC Cup. Пред два дена го елиминиравме Бенгалуру од Индиа кој е шампион на Супер лигата на Индија и е најсилен тим во Јужна Азија, со буџет од околу 6 милиони долари. Она што е Барселона во Европа, тие се во Јужна Азија.

  1. Кои се вашите планови, дали планирате подолго да останете во сегашниот клуб или можеби има преговори за нов предизвик?

-Мојот договор истекува на 31.03.2020. Моментално сме во преговори за продолжување на договорот. До средината на март треба да ја дефинираме нашата соработка. Понуди од други клубови од други земји јас имам константно. Мое правило е дека ако заминам треба да заминам во подобар клуб и посилна фудбалска држава.

8.Што мислите за моменталниот квалитет на македонската фудбалска лига?

-Не сум баш компетентен да давам мислење за Македонската лига бидејки скоро 2 години сум константно надвор од Македонија, а во последните 8 години сум скоро 7 години надвор од Македонија. Мое мислење е дека лигата секоја следна сезона е послаба од претходната. Младите квалитетни играчи заминуваат надвор, се носат неквалитетни странци, нема интерес за фудбал во бизнис заедницата со чест на 2-3 исклучоци, нема публика на стадионите.

  1. Македонската репрезентација во март го игра најважниот фудбалски меч, плејофот против Косово, а доколку победи, потоа ќе следува финале во Лига на нации. Евентуалната победа во финалето ќе донесе пласмана на ЕП. Што мислите за оваа генерација на играчи, можеме ли да направиме таков подвиг?

Оваа генерација е подготвена да ја однесе Македонија на Европско Првенство за прв пат во историјата. Речиси сите играчи играат во странство, во добри клубови и лиги. Се надевам дека ќе се „закопаат“ некои суети и дека уште 2-3 старо/нови играчи ќе бидат повикани да помогнат во остварувањето на желбата на секој Македонец и секој фудбалски работник во Македонија, а тоа е пласман на Европско Првенство.

 

 

 

Advertisement