Фудбал
Барселона ја тужи шпанската ФА, судот одлучува за голот на Џамал

Барселона не дозволува да стивне бурата по Ел Класико во кое Реал победи со 3:2.
„Фантомскиот гол“ на Ламин Џамал и понатаму е тема на шпанските медиуми. Барселона не дозволува да престане да се зборува за тоа.
И по самиот меч имаше остри критики за судењето, немањето технологија за гол-линијата и „злоупотребата на ВАР системот“.
Првиот човек на клубот, Жоан Лапорта, најави дека Барселона ќе ги искористи сите средства да ја истражи ситуацијата и да утврди дали тоа било гол или не.
Барселона сега отиде чекор подалеку и најави дека ќе го тужи Шпанскиот фудбалски сојуз и дека решавање на оваа ситуација ќе бара на суд.
Ден по натпреварот беше објавена и комуникацијата на главниот судија со играчите и судиите од ВАР-салата, но изостана делот од видеото поврзан со ситуацијата околу голот на Џамал кој не беше признат за гол.
Федерацијата го одби барањето на Барселона да му ја даде на клубот целосната снимка од комуникацијата помеѓу судијата и ВАР-собата и Каталонците сега сакаат да ја поминат низ судовите.
Лапорта останува на ставот дека доколку се покаже дека Барселона е оштетена, ќе бара реприза.