Connect with us

Фудбал

Гвардиола: Грилиш ќе се врати во тимот кога ќе ја подобри формата

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека Џек Грилиш ќе се врати во првиот тим откако ќе ја подобри својата игра.

Крилниот напаѓач минатата сезона започна 41 натпревар, а Манчестер Сити ги освои Премиер лигата, Лигата на шампионите и ФА Купот.

Оваа сезона англискиот репрезентативец стартуваше во првите 11 само 19 натпревари, од кои седум во Премиер лигата.

„Тој е истиот фудбалер, го има истиот тренер и начинот на кој играме не е променет. Се работи само за неговата игра. Поинаку е“, изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола за Грилиш.

Последен пат Англичанецот беше стартер во Премиер лигата на 30 декември минатата година на мечот против Шефилд Јунајтед. Тој пристигна во Сити во 2021 година од Астон Вила за 100 милиони фунти.

„Од првиот ден велам дека ни треба. Џек има посебен квалитет за нашиот тим, но тоа зависи од него. Се надевам дека ќе може да игра добро во последните три месеци“, изјави Гвардиола.

Манчестер Сити е на второто место на табелата во Премиер лигата со бод помалку од првопласираниот Ливерпул.

„Не можам да им дозволам на фудбалерите три или четири натпревари да ја подобрат играта. Мора да најдат форма за да одиграат 20 или 90 минути. Не можете да му дадете некому три или четири натпревари за да најде форма. Што е со тие 10 фудбалери кои не играат? Играчите мора да се убедуваат на тренинзите дека заслужуваат да играат“, нагласи Гвардиола.