Connect with us

Фудбал

Каталонски реванш: Барса убедливо ја совлада Жирона, Миовски и овој натпревар го следеше од клупата

Рапсодија на Барселона во мало каталонско дерби. Фудбалерите на Барса ја наполнија мрежата против соседите од Жирона кои убедливо ги совладаа двата пати минатата сезона.

Натпреварот на стадионот Мунисипал де Монтилви заврши со резултат 1:4 (0:2).

Претходната сезона Жирона беше хит на Примера дивизион, а тоа го почувствува Барселона. Малиот клуб од Каталонија како домаќин и гостин го совлада славниот противник со по 4:2.

Барселона овојпат со камата им се одмазди на соседите. Тимот на Ханси Флик беше толку супериорен што можеше да постигне уште еден гол.

Блескаше 17-годишниот тинејџер Ламин Џамал , кој по втор пат во кариерата постигна два гола на еден натпревар од Примера, првпат на гостински терен.

Џамал ​​ги постигна првите два гола на натпреварот, најпрво во 30. минута, а потоа и во 37. минута по додавањето на Роберт Левандовски .

Сите сомнежи за победникот, доколку ги имаше, на почетокот на вториот дел ги реши Дани Олмо и стана само третиот играч на Барселона во историјата, кој постигнал по еден гол на првите три натпревари во Примера.

Пред Дани Олмо, само Златан Ибрахимовиќ во 2009 година и Сеск Фабрегас во 2011 година успеаја да го направат истото.

Четвртиот гол го постигна 21-годишниот Педри во 64. минута, по одличната асистенција на Марко Касадо .

Од тој момент гостите шутнаа во помала брзина, почнаа повеќе да размислуваат за претстојниот старт на Лигата на шампионите, што го искористи Жирона и го ублажи поразот преку 37-годишниот уругвајски ветеран Кристијан Стуани – 1:4.

Овој натпревар македонскиот репрезентативец Бојан Миовски го проследи од клупата за резервни фудбалери. Македонецот втор меч по ред не доби шанса да заигра за Жирона, откако и во претходното коло пред репрезенативната пауза не играше против Севиља.