Connect with us

Други спортови

Кибуре и Поп Арсова победници на 33-от Меѓународен атлетски маратон во Охрид

Кениецот Мозес Кипруто Кибуре и македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова се победници на годинешниот 33-ти по ред традиционален Меѓународен атлетски маратон што се одржува по повод денот на независноста.

Победникот во машка конкуренција Кибуре патеката долга 30 километри од Свети Наум до Охрид ја истрча за 1:42:59/423 часа, само 108 илјадити делови од секундата пред неговиот сонародник, Исак Кимутаи Нгено (1:42:59/531). Третото место му припадна на албанскиот атлетичар Илир Келези кој на целта пристигна после изминати 1:49:27 часа.

Во женска конкуренција прва на целта пристигна македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова која патеката ја истрча за 2:02:09 часа, пред кенијките Гледис Бивот (2:04:12) и Емили Чериот (2:16:20).

Организаторот на трката за победниците предвиде и парични награди од по 500, 300 и 200 евра за најдобрите во двете категории, како и дополнителни награди од 150,100 и 50 евра за најдобрите македонски атлетичари.

Инаку, Охридскиот атлетски маратон е еден од најстарите во земјата. Првпат се одржа во 1976 година, а во континуитет се организираше до 1993 година на 7 ноември по повод Денот на ослободувањето на Охрид. После десет години пауза во 2004 година на иницијатива на сегашниот одбор маратонот беше возобновен и со исклучок на 2011, се одржува секоја година, собирајќи ја во охрид регионалната атлетска елита.

Рекордер на трката со пет победи е Живко Стојчески, додека маратонец со најмногу 18 учества е Славко Симоноски. Во машка конкуренција рекордер на патеката е Кениецот Абел Кибет Роп (1.34.58) додека во женска конкуренција најдобро време има постигнато неговата сонародничка Ребека Џепширшир (1.48.12). И двата рекорди беа постигнати на трката во 2015 година.

Извор: Нетпрес