Фудбал
Лесен триумф на Македонија над аматерите од Гибралтар
Со головите на Иван Тричковски и на Езгјан Алиоски во првиот дел, македонскиот фудбалски национален тим го совлада составот на Гибралтар на гостински терен со 2:0. Со тоа Македонија со триумф ги почна натпреварите од новоформираната Лига на Нации во лигата Д, група 4.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски во текот на целиот натпревар имаа доминација на теренот. Првиот гол стигна во 19. минута кога по уфрлување на Ристовски од десната страна, Тричковски со силен удар под пречката го донесе гостинскиот состав во водство. Македонија до 2:0 стигна во 35. минута кога по нафрлена топка од корнер, топката стигна до Алиоски кој што со силен удар ја затресе противничката мрежа. Македонија имаше уште неколку добри шанси за поубедлива победа, особено онаа прилика на Барди кога излезе сам пред голот.
Следниот натпревар Македонија го игра со Ерменија на домашен терен во недела. Во вториот натпревар Ерменија се намачи со Лихтенштајн и како домаќин го совлада со 2:1.\
Извор: ТВ21