Фудбал
Лукаку и Дибала ја спасија Рома, Де Кетелере херојот на Аталанта

Се одиграа два натпревари од осминафиналето на Копа Италија. Рома на Олимпико го победи Кремонезе со 2:1, додека Аталанта како домаќин беше подобра од Сасуоло со 3:1.
Во четврт-финалето Рома ќе игра против градскиот ривал Лацио, додека Аталанта ќе се сретне со Милан.
Избраниците на Жозе Мурињо победија благодарение на одличниот пресврт во финишот. Кремонезе поведе со голот на Франко Каџу во 37. минута на асистенција на Жилоне. Мурињо реагираше на паузата, незадоволен поради тоа што неговиот тим не ја круниса иницијативата од првото полувреме и, меѓу другото, наместо Андреа Белоти го внесе Пауло Дибала.
Рома потоа ја презеде целосната контрола и енергично нападна. Сето тоа се материјализира дури во 77. минута, кога Ромелу Лукаку ја погоди мрежата на асистенција на Сердар Азмун. Целосен пресврт донесе Дибала од пенал осум минути подоцна.
Аталанта го победи Сасуоло, а најзабележителен беше Белгиецот Шарл Де Кетелере. Натпреварот го заврши со два гола (24′, 63′) и асистенција за голот на Алексеј Миранчук во 71. минута. Сасуоло постигна утешен гол во петтата минута од судиското надополнување – стрелец беше Даниел Ботока.