Фудбал
Ни 100.000.000 не се доволни, Араухо не сака да си замине од Барса

Стоперот на Барселона Роналд Араухо денеска демантираше дека сака да ја продолжи кариерата во Баерн и додаде дека е фокусиран само на играње во каталонскиот клуб.
Некои медиуми најавуваа дека Араухо би можел да го засили шампионот во Бундеслигата во зимскиот преоден рок, а денеска пристигна информација дека Баерн веќе ги известил Каталонците дека се подготвени да платат дури 100 милиони евра за неговиот трансфер.
Баерн остана без Раду Драгушин, кој го избра Тотенхем, па Баварците испратија понуда до Барселона, но Араухо одби.
“Во секој преоден рок има приказни за мене. Минатото лето пишуваа дека кариерата ја продолжувам во Манчестер Јунајтед. Мојот фокус сега е на Барселона. Давам 100 проценти од себе за Барселона. Тоа е одговорност и привилегија да носете ја капитенската лента на овој клуб“, изјави Араухо.
Да потсетиме, Барселона на лето сигурно ќе продаде еден од стоперите за да ја наполни касата, но претходно се на продажба Жил Кунде и Андреас Кристенсен, додека Араухо во моментов е недопирлив.
Сепак, Французите и Данецот сигурно нема да ги донесат потенцијалните 100 милиони евра кои Баерн ги нуди за Араухо.