Connect with us

Фудбал

Поранешниот менаџер на Јунајтед го потврди контактот со Баерн

65-годишниот Ралф Рангник, селектор на Австрија, потврди дека најтрофејниот германски клуб го контактирал за можна работа.

Претходно светските медиуми објавија дека овој германски стручњак е кандидат за селекторската позиција на минхенскиот гигант, откако на крајот од сезоната си заминува актуелниот тренер на Баварците, Томас Тухел.

Ралф Рангник е селектор на Австрија од 2022 година, а последен клуб во кој работеше беше Манчестер Јунајтед. Во моментов со Австријците се подготвува за Европското првенство.

„Имаше контакт од Баерн и за тоа го информирав Фудбалскиот сојуз на Австрија. Имаме многу доверлива врска. Максимално сум фокусиран на обврските во австриската репрезентација пред Европското првенство“, изјави Ралф Рангник за австрискиот 90minuten.at.

Запрашан кога треба сериозно да размисли за интересите на Баварците, тој одговори:

„Во моментот кога Баерн ќе каже „Те сакаме“. И тогаш ќе морам да се запрашам ‚Дали воопшто го сакам тоа?’

Меѓутоа, ако сакам да направам нешто друго, прво ќе разговарам за тоа со Фудбалскиот сојуз на Австрија“, изјави селекторот на Австрија и додаде дека „парите не би имале улога во таа одлука“.

Покрај Манчестер Јунајтед и австриската репрезентација , Ралф Рангник работеше и во Штутгарт, Хановер, Шалке, Хофенхајм, РБ Лајпциг и Локомотив Москва.