Connect with us

Фудбал

Сити до крајот на сезоната без најважниот играч!

Фудбалерот на Манчестер Сити, Родри денеска имаше операција на десното колено и нема да се врати на терените до крајот на сезоната, објави менаџерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола.

„Родри денеска беше опериран. Ги оперирал предните вкрстени лигаменти, а имал и оштетување на менискусот. За него оваа сезона е завршена, тој ќе се врати следната“, објави Гвардиола на денешната прес-конференција.

Родри заработи тешка повреда на коленото на десната нога на неделното реми против Арсенал (2:2). Сигурниот играч за врска пристигна во Манчестер Сити во 2019 година од Атлетикo Мадрид и стана еден од клучните играчи на тимот во претходните сезони.

Тој одигра 260 натпревари и постигна 26 гола во сите натпреварувања, од кои најважниот беше во финалето на Лигата на шампионите во 2023 година против Интер во победата од 1-0.

Отсуството на Родри до крајот на сезоната не е тежок удар само за Манчестер Сити туку и за европскиот првак Шпанија кој без него ќе треба да се обиде да го одбрани пехарот во Лигата на нации.

На 15 октомври Шпанија ќе ја пречека Србија во натпреварот од четвртото коло од групата А4 од Лигата на нации.