Фудбал
ВИДЕО: Бразилската ѕвезда со крвнички фаул повторно го згрози фудбалскиот свет: Да не сум фудбалер би бил убиец
Тој во својата кариера има настапи во фудбалски великани како Јувентус, Интер,Фиорентина, Галатасарај, но ретко кој го памети по некој добар фудбалски потег. Бразилецот Фелипе Мело уште еднаш по којзнае кој пат успеа да го згрози фудбалскиот свет.
Контроверзниот поранешен бразилски репрезентативец, сега играч од средниот ред на Палмеираш, брутално го фаулираше противничкиот играч Виктор Касерес од Серо Потрењо, на меч од Копа Либертадорес (пандан на Лигата на шампионите во Јужна Америка).
Сега сите ја чекаат казната за 35 годишниот фудбалер, а сигурно нема да биде мала.
-Не е само дека удирам, имам јас и техника, па играв во Европа 13 години. Ако треба да истепам некого, ќе го направам тоа. Ако треба да удрам Уругваец во лице, ќе го направам тоа, кажа Мело пред една година, кога пристигна во Палмеираш.
Фудбалскиот свет и во минатото доста пати бил шокиран од Мело. Имено, тој во 2015 година за „Скај спортс“ кажа:
-Да не сум фудбалер би бил убиец!
Мело растел во фавелите во Рио, каде поради дрога и криминал останал без голем број од своите пријатели.
Повеќе од 15 пати во кариерата бил исфрлуван од тимовите, казнуван, меѓу останатото и поради тепачка со соиграчи.