Connect with us

Кошарка

Со 550.000 евра ќе се спасува спортот во Битола

Претседателот на советот на Општина Битола, Валентин Груевски во изјава за медиумите денеска ги претстави ставовите, размислувањата и очекувањата на Општина Битола за спортот во општината во наредната 2018 година.

За следната година во ставката спорт, планирани се 550.000 евра што е рекорд на средства планирани за спортот досега во Битола.

Во 2018 година планирано е и завршување на започнатите активности на стадионот под Тумбе Кафе, за што обезбедени се средства од 1.300.000 евра. Исто така се очекува да бидат поставени и монтажните трибини зад головите, со што Битола конечно ќе добие комплетен стадион на кој ќе може да се играат и натпревари по повисоки стандарди.

Во планот на локалната самоуправа за наредната година е и реконструкција на спортската сала „Младост“ во Битола, која иако скоро беше реконструирана во внатрешноста, од надвор салата се распаѓа. Па за време на дожд знае и да пропушти кровната конструкција. Со реконструкцијата на салата ќе се овозможи да се одигруваат и меѓународни натпревари.

Груевски потенцираше дека денеска се исплатени последните пари за оваа година, со што и кошаркарскиот и ракометниот клуб ги добија платите за месец ноември.

До нова година треба да се избере нова управа во кошаркарскиот клуб „Пелистер“, а утре пак ќе се состани и управниот одбор на Ракометниот клуб.

Амбициите на локалната самоуправа за ракометот  се враќање на неколку ракометни битолски легенди, а за кошаркарскиот клуб задржување во првата лига.

Најболната тема кога спортот е во прашање во Битола е фудбалот, рече Груевски. Моментално ФК Пелистер должи 215.000 евра, а општината доколку акционерите не можам или не сакаат да продолжат тогаш има план целосно да го преземе клубот но со чиста сметка. Општината нема да дозволи клубот да оди во втора лига, додаде Груевски.

Во 2014 година беше промовирано идејното решение за нов стадион под Туме Кафе, три години подоцна, битолскиот стадион се уште ја чека реализацијата на проектот за негова изградба и реконструкција, кој во неколку наврати претрпи измени.

Новата трева на стадионот под Тумбе кафе е единствената очигледна инвестиција во некогашниот фудбалски храм на Битола. Проект тежок повеќе од 800.000 евра, за кој Општина Битола и ФФМ потпишаа договор на 29.10.2014 година, предвидуваше и осветлување на стадионот, но во моментов таму ретко се наоѓаат столчиња, камо ли рефлектори.

Рефлекторите немаше да ја поправат грдата слика на објектот. Почнувајќи од неговата надворешност. Патната инфраструктура околу стадионот наликува на повоена состојба, влезовите на филмски сет од сценарио за конфликт, а за да се стаса до трибините без седишта, треба да се помине низ бројни безбедносни предизвици. Таму, пак, освен цемент, ќе ве дочекаат остатоци од семки, сончоглед и пијалаци.

Ј.П