Фудбал
Баерн остана без важен дефанзивец. Еве кој го менува
Баерн доживеа дебакл во Купот на Германија. Третолигашот Сарбрикен приреди сензација и го исфрли националниот шампион со 2:1. Натпреварот започна очекувано и Баерн поведе со голот на Томас Милер во 16. минута, но Сарбрикен направи сензационален пресврт со головите на Патрик Сонтхајмер и Марсел Гаус во судиското надополнување.
Важен момент се случи само неколку минути по првиот гол на натпреварот. Клучниот играч на одбраната на Баерн, Матијс де Лигт по еден дуел колабирал на тревата и од болки го стегнал коленото. По пет минути асистенција, Холанѓанецот беше изнесен од теренот, а денеска беше објавено дека Де Лигт ги повредил медијалните лигаменти и најверојатно ќе отсуствува најмалку шест недели.
Германскиот Билд пишува дека поради повредата на Холанѓанецот Томас Тухел сака да го ангажира триесет и петгодишниот Жером Боатенг кој од летото е без клуб и може да се приклучи на нов надвор од преодниот рок. Искусниот стопер со потекло од Гана со недели тренира со Баерн.
Поранешниот германски репрезентативец одигра 363 натпревари за Баерн, со него освои 22 трофеи, од кои два во Лигата на шампионите и девет за најдобриот тим во Бундеслигата, а сега би требало повторно да му помогне поради здравствените проблеми на стоперот на тимот. На врвот на кариерата Боатенг беше и играч на германската репрезентација за која од 2009 до 2018 година забележа 76 настапи и освои злато (2014) и бронза (2010) од светските првенства.