Фудбал
Барселона се соочува со нови финансиски проблеми, Дани Олмо од јануари нема да може да игра во Ла Лига
Барселона во пролетниот дел од полусезоната во шпанската Ла Лига би влегла без големата ѕвезда Дани Олмо, но не поради повреда.
Барселона игра фантастично на почетокот на сезоната и по 11 одиграни кола е лидер во Ла Лига со шест бода повеќе од второпласираниот Реал Мадрид, но финансиската состојба на клубот и понатаму е многу лоша. Токму поради финансиите, под знак прашалник е кои играчи ќе можат да се пријават за пролетниот дел од сезоната, а шпанските медиуми пренесуваат дека Дани Олмо би можел да биде изоставен од списокот на играчи кои ќе конкурираат за вториот дел од сезоната.
Имено, голем проблем за Барселона е доцнењето на исплатата на спонзорските бонуси кои требаше да обезбедат дополнителни 60 милиони евра, а Олмо кој летово пристигна од Лајпциг за 55 милиони евра има валидна регистрација само до крајот од декември. Доколку до крајот на оваа година не се исплатат парите од спонзорските бонуси, Барселона во пролетната сезона ќе мора да влезе без Олмо, кој постигна три гола на четири натпревари во Примера.