Фудбал
Бартомеу нема да носи засилувања во зимскиот преоден рок
Претседателот на Барселона Хосеп Марија Бартомеу изјави дека нема планови за ангажман на нови фудбалери во зимскиот преоден рок.
– Доведовме одлични фудбалери и во моментов немаме никакви планови за зимскиот преоден рок. Одиме според очекувањата. Ги добивме сите четири дуели од почетокот на Примера, а бевме убедливи и во Лигата на шампионите со Јувентус. Ужасна вест е повредата Дембеле, а другите засилувања полека се вклопуваат во тимот, истакна Бартомеу.
Ова лето во каталонскиот клуб дојдоа Усман Дембеле за 105 милиони евра, Паулиньо за 40, Нелсон Семедо за 30.5, Жерар Деулофеу за 12 и Марлон за 5 милиони евра кој е пратен на позајмица во Ница.
Најскапото засилување во историјата на Барса, Дембеле сериозно го повреди бутниот мускул и според прогнозите ќе биде надвор од терените најмалку четири месеци.
По изјавата на Бартомеу, најверојатно Барселона нема да направи нов обид да го ангажира Филипе Кутињо по неколкуте неуспешни преговори со Ливерпул за време на летниот преоден рок.