Connect with us

Кошарка

Евролига: Жалгирис го порази Фенербахче, ново „Ел Kласико“ за Реал М.

Неизвесен меч, инфаркт завршница и изненадувачка победа на Жалгирис над Фенербахче во Истанбул со 90:89 во 12. коло во кошаркарската Евролига.

Континенталниот првак имаше подобар вовед во својата „Улкер арена“ и првиот период го реши во своја корист со 24:16. Тоа навестуваше дека тимот на Жељко Обрадовиќ во продолжение ќе нема проблеми да запише седми триумф во сезоната. Меѓутоа демант на таквата претпоставка дојде во втората четвртина. Литванскиот шампион ја доби со 25:18 за воспоставување на резултатска рамнотежа што траеше до крај на средбата.

Играчите на Шарунас Јасикевичиус, сепак, беа поприсебни, имаа поладни глави и помирни раце особено во финишот на мечот и буквално во последната минута на гостувањето во Турција ја зграпчија победата. Кевин Пангос со 22 коша беше најефикасен на натпреварот, прв стрелец кај домашните беше Јан Весели со 20 поени.

Реал Мадрид ја совлада Барселона во кошаркарското „Ел класико“ со 87:75. Победникот беше решен во второто полувреме, поточно кон крајот на третата четвртина и во последната пришто „кралскиот“ клуб ги симна дилемите околу конечниот исход.

Централна фигура во шпанската пресметка беше Лука Дончич. Одличниот словенечки репрезентативец постигна 16 коша меѓу кои и погодокот преку, речиси, цел терен во завршницата на третиот период. Кон нив додаде шест скока и седум асистенции, а најголема поддршка имаше од Фелипе Рејес кој запиша 14 поени.

Најзабележителни во поразената екипа беа Томас со 12 коша и Ориола и Ертел кои уфрлија по 11. За Каталонците ова е осми пораз во сезоната во која имаат и четири победи и се наоѓаат на 12 место на табелата.

Евролига, 12 коло

Реал Мадрид – Барселона 87:75

Уникаха Малага – Химки 93:84

Бросе Бамберг – Олимпијакос 67:65

Фенербахче – Жалгирис 89:90

Петок

Анадолу Ефес – Басконија

ЦСКА Москва – Макаби Тел Авив

Панатинаикос – Милано

Валенсија – Црвена звезда