Connect with us

Фудбал

Фудбалерите на Динамо Киев вечерва нема да се ракуваат со играчите на Партизан, причината е Русија

Динамо Киев вечерва ќе го пречека белградски Партизан во 2. прелиминарно коло од Лигата на шампионите во Лублин, Полска, бидејќи поради војната во Украина домашните натпревари ги игра во странство. Сепак, политиката се вмеша во оваа игра, па тренерот на Динамо, Александар Шовковски, го критикуваше Партизан дека се подготвува за новата сезона во Москва. Тој ја осуди одлуката на српскиот клуб да патува во Русија, која води војна против Украина. Шовковски целата своја голманска кариера ја мина во Динамо Киев, за кој одигра 633 натпревари, од кои 317 без примен гол.

14 пати го освојуваше првенството на Украина и 10 пати Купот, а минатата година стана тренер. Тој на вчерашната прес-конференција прочита изјава во која го осудува заминувањето на Партизан во Русија, нарекувајќи го знак на солидарност со окупаторите. Инаку, поради ова, нема да има официјален протокол, вклучително и ракување со играчите пред натпреварот.