Фудбал
Глигоров: Без разлика каде играме, секогаш одиме на победа
Фудбалерот на Вардар Никола Глигоров очекува неговиот тим да се врати на победничките патеки и веќе утре да освои нови три бода.
„Црвено-црните“ утре во рамките од шестото коло на Стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари ќе ја пречекаат Ренова.
– Два натпревара по ред во кусо време сме без победа. Ако поразот против Зенит не делуваше толку изненадувачки, иако истиот беше превисок, тогаш во дуелот против Скопје не планиравме и не очекувавме да освоиме само бод. Не секогаш се остварува планираното. Што е тука е, мораме да го заборавиме тој натпревар бидејќи имаме веќе нов натпревар утре кој е нова шанса за победа, за бодови. Играме на стадионот во Маџари. Условите не се како на Националната Арена, меѓутоа каде и да играме, мораме на секој натпревар да одиме на победа, изјави Глигоров за клупскиот сајт на Вардар.
Го респектираме тимот на Ренова, но сметам дека сме поквалитетни, и одиме да го добиеме овој натпревар. Ние на секој меч одиме на победа, и така ќе треба да се однесуваме, затоа што само така ќе стигнеме до нашата цел. Ќе ни недостасуваат неколку играчи како Грнчаров кој има црвен картон, потоа Брдаровски и Новак кои се повредени. Меѓутоа верувам дека оние кои ќе добијат шансата ќе дадат максимум и ќе дојдеме до победа, додаде Глигоров.
Вардар по четири одиграни рунди во Првата македонска лига има две победи, еден нерешен резултат и еден пораз, додека Ренова на пет натпревари забележа само една победа, два нерешени резултата и два пораза.