Connect with us

Фудбал

Итен состанок во Сити по серијата порази, важна одлука соопштена на Пеп Гвардиола

По дебаклот на домашен терен од Тотенхем од 4:0 и серијата од пет порази,  во Манчестер Сити  решија да одржат состанок синоќа со цел да се обидат да најдат решение за излез од кризата која навистина долго време не се случи на Етихад. Англиските медиуми пренесуваат дека челниците на клубот одлучиле да му обезбедат значителна сума на пари на новиот спортски директор Вијана за засилувања во јануари и дека е јасно дека на Сити му се потребни нови играчи.

Тие на Гвардиола ја соопштија својата одлука и порачаа дека нема да се мешаат во договорот меѓу него и Вијана кој во јануари ќе состави список со играчи кои сакаат да ги доведат и дека ќе се обидат да направат се за да го исполнат тоа што го сакаат.

Првата цел ќе биде засилување на врвот на нападот каде Ерлинг Халанд е единственото решение што го има Гвардиола откако Хулијан Алварез замина во Атлетико Мадрид, а Граѓаните ќе се обидат да доведат уште еден класичен напаѓач.

Покрај тоа, се очекува да се обидат да ги засилат крилните позиции, но и средниот ред. Што се однесува до одбраната, таму нема да трошат премногу пари, но доколку се укаже можност за адекватни засилувања, сигурно е дека Сити ќе ја искористи.

Навикнати сме англискиот шампион да не се штеди кога се во прашање трансфер роковите и сигурно е дека веќе во јануари ќе биде многу активен на пазарот. Исто така, се дознава дека синоќа јасно му кажале на Вијана дека на лето ќе имаат огромен буџет за засилувања и дека е време за тотален ремонт на играчкиот кадар на Сити, кој очигледно е заситен по сите тие трофеи.