Connect with us

Кошарка

Кумановци очекуваат полни трибини за мечот против МЗТ Скопје за кој влезот ќе биде слободен

Во кошаркарскиот шампионат на Македонија, односно првата лига попладнево ќе се одигра последниот натпревар од шестото коло.

Во него екипата на Куманово го пречекуваат актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром.

За прв пат кумановци на клупата ќе го имаат тренерот Александар Петровиќ, кој во својата кариера го има предводено и МЗТ Скопје. Петровиќ како и сите во клубот очекуваат полни трибини кои ќе дадат поддршка на играчите за што подобар резултат.

– Календарот е згуснат, за десетина дена имаме четири натпревари. Игравме во Тирана, не чека тежок натпревар против МЗТ, а веќе во недела дуел и против „Фени Индустри“, по што во среда играме против „Рилски“, а нема де биде лесен ниту натпреварот со „Кожув“. Ние играме на домашен терен, задоволен сум од залагањето на играчите. Имам некои тактички замисли за мечот, но ќе видиме колку ќе ги спроведеме, изјави Петровиќ.

Откако одреден период навивачите на клубот популарните „Кумани“ ги немаше на трибините, новото раководство реши за дуелот со МЗТ Скопје влезот да биде слободен со надеж дека поддршката ќе им помогне на кумановци да забележат победа.

– Би ја повикал публиката, да почне повеќе да доаѓа, затоа што сите знаеме дека е шести играч за „Куманово“. Се надевам дека со сите промени што се случија, дека ќе тргнеме на домашна победа против еден голем ривал, изјави Димитар Караџовски.

Почетокот на натпреварот меѓу „Куманово“ и МЗТ Скопје Аеродром е закажан за 17 часот и 30 минути.

Досега двете екипи имаат по две победи и порази.