Ракомет
Лазаров: Да ги реализираме сите желби на оваа генерација
Нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров и во минатата година забележа извонредни постигнувања. Иако во кариерата освоил се што може да се освои тој и натаму со идентична желба и енергија влегува во новата година со цел да продолжи со успесите.
“Јас секогаш велам дека добар спортист е оној кој што е константен и кој што во континуитет постигнува добри резултати. Во зависност од годината тие некогаш се подобри, некогаш послаби, но кога се добро ќе се анализира мислам дека 2017 година за мене лично беше успешна година, можеби и повеќе од тоа бидејќи имавме забележителен настап на Светското првенство во Франција, иако се чини дека според прикажаната игра можевме да стигнеме подалеку и да забележиме некоја победа повеќе. Со репрезентацијата повторно успеавме да се пласираме на едно големо натпреварување, а посебно за одбележување е фактот дека за прв пат во еден квалификациски циклус го освоивме првото место во групата. Тоа е резултат за почит бидејќи за конкуренти ги имавме Исланд, Чешка и Украина”, вели Лазаров.
Капитенот на националниот тим повторно беше најдобар стрелец на едно големо натпреварување со Барселона ја продолжи триумфалната низа во домашното првенство, а во продолжението од сезоната прифати нов предизвик во кариерата и сега е дел од тимот на Нант.
“На личен план сум задоволен бидејќи благодарение на моите колеги од репрезентацијата повторно бев најдобар стрелец на шампионатот. Со Барселона повторно ги освоив сите трофеи во Шпанија, бев дел од завршниот турнир во Лигата на шампионите, а потоа следуваше трансферот во Нант. Со мојот нов клуб играме една одлична полусезона во елитното натпреварување, за нијанса послаби резултати постигнуваме во француското првенство, но и со Нант успеав да освојам една титула и тоа во Супер купот. Кога се ќе земеме в предвид јас сум задоволен од 2017 година, но сигурно дека би сакал и во следната да постигнувам добри резултати и како секогаш јас сум подготвен за новите предизвици и се надевам дека 2018-тата ќе биде уште поуспешна”, продолжи Лазаров.
Капитенот на националниот тим секогаш пред себе поставува нови цели и се обидува да биде подобар од претходната година. Посветеноста, желбата за успех се гаранција дека тој и во 2018 ќе биде меѓу најдобрите.
“Ентузијазмот, желбата за успех се уште постои, се уште имам доволно енергија да се постигнат што е можно подобри резултати. Воопшто не е лесно да се биде толку години на високо ниво, но тоа ме прави среќен тоа го сакам, тоа да кажам ми е љубов, вљубен сум во ракометот и тоа воопшто не го чувствувам како тешкотија и целосно сум посветен на спортот”, рече нашиот најдобар ракометар.
Пред Лазаров и оваа генерација на ракометни репрезентативци стои нов предизвик, а тоа е настапот на Европското првенство и почеток на едно ново поглавје во историјата на овој спорт, а тоа македонскиот машки ракометен тим да проба да биде дел од Олимписките игри.
“Имаме некои желби кои не ни се реализирани и сакаме тоа да го реализираме токму во Хрватска. Јасно ни е на сите дека воопшто нема да ни биде лесно, но наше е да посакуваме, да веруваме во тоа и на крајот и да го исполниме. Имаме добра репрезентација, одличен тренер, имаме извонреден претседател на федерацијата која ни овозможува максимални услови за работа, сите предуслови се исполнети и се надевам дека ќе успееме. Секогаш треба да бидеме оптимисти и да размислуваме позитивно, не ретко работите одат според тоа како посакуваме, но наше е да си ја завршиме работата и да се надеваме дека во Хрватска ќе имаме забележителен резултат”, заврши Лазаров.