Connect with us

Ракомет

Металург посакува со победа да ја заврши 2017 година

Ракометарите на Металург денеска во Нашице, Хрватска, ќе го одиграат последниот натпревар во 2017 година.

Металург му гостува на составот на Хексе во средба од 12.коло на СЕХА лигата.

Избраниците на тренерот Александар Јовиќ кои во претходното коло со победата над Динамо Панчево ја прекинаа лошата низа на резултати во регионалното натпреварување, се надеваат дека и во овој меч ќе успеат да се радуваат на победа. Задачата нема да биде лесна бидејќи тимот од Автокоманда за Хрватска отпатува без неколкумина стандардни првотимци.

– Победата, ќе биде одличен начин да ја завршиме оваа половина од сезоната и календарската година, иако знаеме дека нема да биде лесно против Нексе. Последниот натпревар против Динамо го одигравме на начин како што треба да играме, а истото го очекувам од моите играчи да го повторат уште еднаш. Тоа е многу поважно отколку освојувањето на бодови во овој натпревар, изјави Александар Јовиќ, тренерот на Металург.

Македонскиот вицепрвак кој е на 6.место на табелата досега има четири победи и седум порази, додека Нексе досега се радуваше само на еден натпревар.

Првата средба меѓу овие две екипи, одиграна во Скопје, заврши со лесна победа на Металург со 29:22 (15:10), па оттаму нашиот тим со право може да се надева на нов триумф.

Дали ќе биде така останува да се види по мечот кој ќе започне во терминот од 20 часот и 30 минути.