Фудбал
Милевски: Секој гол и секој бод се важни!
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот на фудбалери за последните средби од Лигата на нации против Летонија (14 ноември) и Фарски острови (17 ноември), кои ги играме на домашен терен.
Повикани се двајца дебитанти, голманот Марко Алчевски од Хапоел Ерусалим и дефанзивецот Бехар Фета од Домжале, а повик доби и напаѓачот Сефер Емини од Сондерјиске. Од октомврискиот циклус недостасуваат Иљазовски, Илиевски и повредениот Костадинов.
Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација:
„Во ова издание секој бод и секој гол е важен. Секој натпревар го почнуваме со цел да победиме и да ги намалиме грешките кои што се неизоставен дел од секој дуел. Победа е императив на мечот со Летонија, но очекувам многу потежок натпревар од тој во Рига“.
„Им посакувам добредојде на двајцата дебитанти кои заедно со Стојчевски и Илиевски, кој не е сега со нас, се приклучени од последната генерација на младата репрезентација до 21 година. Се надевам дека во иднина ќе се наметнат и ќе бидат важен дел од тимот кој се гради.Поминавме многу тежок период со минутажата на нашите играчи во клубовиге. Имаме проблеми со повредени играчи и нема да сметаме на Тихомир Костадинов, а под знак прашалник се Муслиу и Трапановски. Свесни за важноста на овие два натпревар и главна цел ни е да останеме на првата позиција“.