Connect with us

Ракомет

Минимален пораз на македонските кадети од Романија

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија е минимално поразена од соодветната репрезентација на Романија, која е домаќин на меѓународниот турнир за играчи од генерацијата 2000-та и помали, што се одржува во градот Васлуи.

Во првиот дел избраниците на селекторот Брестовац играа одлично во двата правца, а како резултат на таквата игра беше и предноста од два гола на паузата, со 16-14 за Македонија.

Во првата половина од второто полувреме домашните ракометари го засилија темпото во одбраната, па во 45. минута направија и три гола предност 23-20. Таа предност се покажа како решавачка за конечниот исход на мечот, иако нашите млади ракометари го имаа последниот напад, сепак не успеаја да го реализираат и на крајот загубија со еден гол разлика 26-27.

Ова беше вториот пораз на македонските кадети (вчера загубија од Израел 27-29), кои утре во последнот меч на турнирот ќе играат против селекцијата на Украина.

Овој турнир е во склоп на подготовките на нашата кадетска репрезентација за настапот на ЕХФ Шампионатот што во јули 2018 година ќе се игра во Грузија, како и за Светското првенство за оваа генерација што во текот на летото 2019 ќе се игра во Скопје.