Connect with us

Тајмаут

На денешен ден Вардар стана шампион на Југославија

Еден од најзначајните датум во историјата на Вардар е токму денеска 14 јуни. Овој датум во 1987 година ќе биде запишан со златни букви во историјата. Вардар стана нов шампион на тогашната лига во Југославија, прв и единствен тим од Македонија кој дојде до ова одличје. Тоа беше титула со која беше прославена 40-годишнината од постоењето на клубот.

И покрај поразот во последното коло од 4:1 против Динамо Загреб одигран на „Максимир“, сепак, благодарение на резултатите на конкурентите, Вардар ја мина целта како првопласиран тим на табелата. Инаку, десет тимови во првенството играа со минус шест бодови, врз основа на тогашната одлука на Фудбалскиот Сојуз да им бидат одземени поени, поради сомнителните резултати во последното коло од сезоната 1985/86.

Пред почетокот на сезоната тогашниот тренер Андон Дончевски истакнуваше амбиции за опстанок, со скриена намера да се обезбеди место во Европа, но на крајот „црвено-црните“ дојдоа до титулата.

Таа сезона за Вардар настапуваа Тони Савевски, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Дарко Панчев, Љупчо Марковски, Вујадин Станојковиќ, Јовче Џипунов, Бобан Бабунски, Чедомир Јаневски, Момчило Грошев, Милко Симовски, Љупчо Лазаров, Венцислав Симоновски, Мирко Петров, Благоја Тодоровски, Никола Аврамовски, Зоран Трајчевски, Горан Стојановиќ, Николче Филипов, Васил Рингов, Тони Атанасовски, Јовко Бизимовски. Дел од Вардар во есенскиот дел од сезоната беа Слободан Горачинов и Гоце Димовски кои што заминаа во странство во текот на шампионатот.

Екипата беше предводена од тренерот Андон Дончевски, заедно со неговите асистенти Методије Спасовски и Кочо Димитровски.