Connect with us

Фудбал

Откриена е причината за смртта на Сер Боби Чарлтон

Боби Чарлтон почина откако колабирал во домот за стари лица каде што живеел. Ова е заклучокот од истрагата презентиран пред судот, веќе цитиран од Би-Би-Си.

Легендата на Манчестер Јунајтед и англискиот фудбал, кој имаше 86 години и боледуваше од деменција, наводно изгубил рамнотежа кога станал од столот и удрил во прозорец и „веројатно во радијаторот“.

Вработените во домот за стари лица не забележале никакви повреди, но подоцна била откриена грутка на грбот. Дополнителните тестови направени во болницата откриле скршено ребро, што придонело за развој на пневмонија.

Лекарите потоа решиле да го стават поранешниот играч на палијативна нега, но тој починал пет дена подоцна.

Судскиот лекар заклучил дека смртта била случајна, поврзана со проблеми со белите дробови, последиците од падот и самата деменција.

Боби Чарлтон почина на 21 октомври. Легендата на Манчестер Јунајтед освои три титули со „црвените ѓаволи“, а исто така и една европска титула, покрај ФА Купот. Врвот на неговата кариера со „Трите лава“ беше освојувањето на светската титула во 1966 година.