Connect with us

Други спортови

По Хамилтон, и Ботас го продолжи договорот со „Мерцедес“

Пилотот на Мерцедес, Валтери Ботас го продолжи договорот со тимот за уште една година, со можност за натамошна соработка и во 2020 година, објави денеска „Скај“.

Ботас пред две години дојде од Вилијамс како замена за Нико Розберг, кој се пензионираше по освојувањето на титулата.

На тој начин Мерцедес го реши проблемот за пилотските позиции, бидејќи вчера објавија дека потпишале и продолжување на соработката со актуелниот светски шампион, Луис Хамилтон.

Бидејќи Мерцедес нема да бара нов возач, Даниел Рикардо се очекува да го продолжи договорот со Ред Бул.

Ботас моментално е петти во шампионатот на возачите, а оваа сезона немаше среќа во одредени трки.

– Немавме среќа во трките оваа година, но тимот знае како возам, и ова е одличен знак дека тие имаат доверба во мене и моите настапи. Уживам да работам со тимот и со колегата Луис. Имаме добри односи, искрени, и секогаш сакаме да оствариме добри резултати за Мерцедес, истакна Ботас.

Првата година во Мерцедес, Ботас заврши на третото место во генералниот пласман, зад Хамилтон и Себастијан Фетел од Ферари.