Фудбал
Прекинот на натпреварот Романија – Косово ја намалува шансата на Македонија за бараж
Македонската фудбалска репрезентација би можела да биде најголемиот губитник од прекинот на натпреварот меѓу Романија и Косово во Букурешт.
Натпреварот е официјално прекинат, а според првичните информации, косовската репрезентација го напуштила стадионот. Се очекува домаќинот, Романија, службено да го добие натпреварот со 3-0, што значително ќе влијае врз шансите на Македонија за пласман во баражот за Светското првенство преку Лигата на нации.
Романија, која досега е со максимален ефект, би се искачила на 15 бодови со евентуалните три службени бода, што ќе биде два повеќе од Македонија пред последното коло. Во завршниот натпревар, Македонија ќе ги пречека Фарски Острови, додека Романија ќе игра со Кипар, тим кој е сметан за аутсајдер. Романија речиси сигурно ќе дојде до победа, со што ќе стане најдобра репрезентација во Ц-лигата на нации.
Овој развој на настаните би значел дека Македонија ќе падне за едно место на севкупната табела на победниците во групите, што е клучно за обезбедување место во баражот за пласман на Светското првенство 2026.
Доколку службениот резултат за Романија се потврди, шансите за Македонија да обезбеди бараж преку Лигата на нации ќе бидат значително намалени.