Фудбал
Серија А постави нов рекорд во гледаност
Над 6,2 милиони гледачи изминатиот викенд се вклучија во „ДАЗН“ за да ги проследат натпреварите од 10. коло во Серија А, нов рекорден број, соборувајќи ја претходната бројка, поставена само една недела порано.
Десеттото коло беше интересно во италијанската елита, бидејќи вклучуваше средби меѓу Интер и Рома, Наполи и Милан, како и Лацио и Фиорентина.
Пред ова коло, најголем број гледачи за едно коло од натпреварите во Серија А беше 6,1 милион, што беше забележано во деветтото коло од оваа сезона.
Најгледан меч во Италија викендов беше долгоочекуваната пресметка меѓу Интер и Рома, на која и Ромелу Лукаку за прв пат по неговото заминување се врати на „Меаца“.
Над 1,7 милиони гледачи ја следеа победата на Нероаѕурите, вториот најгледан натпревар сезонава по оној меѓу Милан и Јувентус, кој го следеа 1,98 милиони гледачи. Овој натпревар отиде во деветтото коло.
Во меѓувреме, натпреварот помеѓу Наполи и Милан во неделата навечер имал вкупно околу 1,6 милиони гледачи, според бројките на „ДАЗН“, пренесени од „Ла Газета дело спорт“.